Премиерот останува на ставот да си поднесе оставка на функцијата, но најверојатно ќе ја пролонгира за два месеци. Помалите коалициони партнери на синоќешниот состанок не успеале да го разубедат Заев во намерата што ја најави на изборниот ден. Но, му предложиле и тој начелно прифатил, официјално оставката да ја поднесе кон крајот на годината или на почетокот на јануари, објави Телма.
Еден од помалите коалициони партнери, кој синоќа присуствуваше на состанокот, за Телма брифираше дека, би било несериозно од Заев сега да се предомисли, но исто така сите се согласиле дека мора да се заштитат виталните државни интереси.
Причина за тоа, вели нашиот извор, се и надежите кои им ги соопштил премиерот, за решавање на спорот со Бугарија и можна меѓувладина конференција со ЕУ на средината на декември.
Иако синоќа ДУИ и БЕСА биле категорично против оставката на Заев, на состанокот бил оставен простор за негов можен наследник, а за мислењето на коалиционите партнери околу ова прашање ќе се разговара оваа недела, најверојатно во петок.