Осомничените за убиството на Тот, Анџело Ѓорѓиевски од Волково, Клементина Лефковска од Драчево, Андреј Костовски од Ново Село, не се чувствуваат виновни за убиството.
Обвинителката изјави дека тројцата обвинети и Тот, излегле од ноќниот клуб во парк за да си одат, влегле во такси возило, па по кратка расправија Костовски излегол и започнал да го влече Тот за да го извади од возилото.
„Обвинетата Клементина, излегла од задната лева врата на возилото и најпрво почнала да го турка оштетениот со двете раце по градите, па излегол и обвинетиот Анџело кој ја оттргнал обвинетата Клементина од оштетениот и го удрил најпрво со денсата рака со тупаница во пределот на левата страна на главата, а потоа, со тупаница, со левата рака, во пределот на десната страна од главата. По што оштетениот од ударите паднал на асфалтот и додека истиот лежел на асфалтот, обвинетиот Андреј му се приближил и го удрил со нога во пределот на телото. А потоа, и обвинетата Клементина, со нога го удрила во пределот на главата, при што обвинетиот Анџело ја оттргнал, но истата повторно дошла до оштетениот и со десната нога, во два наврати го удрила оштетениот во пределот на главата. Притоа и обвинетиот Андреј, со тупаница, го удрил оштетениот во пределот на главата, по што, обвинетите Анџело и Клементина, влегле во такси возилото со намера да си одат, но обвинетата Клементина, повторно излегла од возилото и повторно го удрила со нога во пределот на градите. Како резултат на нагмечувањата во пределот на главата, како резултат на настанатата траума на главата, дошло до, пореметување и прекин на активноста на мозочните неурони, кое резултирало со смртен исход“, вели обвинителката Тања Трајчевска.