Од први јануари за постаро возило со пониски еколошки стандарди ќе се плаќа повисок данок. Конкретно, данокот за возила ќе биде составен од две компоненти – вредносна и специфична. Вредносната ќе се пресметува на сличен начин како акцизата и ќе се одредува како процент од цената на возилото. Ќе зависи и од типот на горивото, исто како и специфичната која ќе се пресметува како производ на одредена сума која ќе ја одредува владата со количината на јагленород диоксидот во издувните гасови изразена во грамови на километар. Ќе се прави разлика и во тоа дали возилото е ново или употребувано, а ќе бидат оданочени и хибридните возила. Електричните возила од сите категории остануваат неоданочени.
Предлог-закон за данок на моторни возила, по скратена постапка, е веќе доставен во собранието. за него ќе се дискутира во среда на 11 декември во 13 часот, како 55-та точка на дневниот ред.
За потсетување според официјалните податоци на Царинската управа на Македонија во земјава заклучно со септември, вкупно се увезени 33.003 возила од кои што 4.589 се нови автомобили и 25.562 употребувани или како што популарно се нарекуваат стари возила. Ова се од каде посочуваат дека увезени се уште и 771 нови товарни возила и 1.883 стари, како и три нови автобуси и минибуси и 24 употребувани.
фото: Авто Плус