Од Фондот за осигурување на депозити, се јавија со соопштение до депонентите во Еуростандард банка, дека осигурениот износ од 30.000 евра ќе се исплаќа еднократно и ќе биде достапвен за исплата од денот на почетокот на исплатата на обесштетувањето.
„Ги информираме физичките лица-депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај дека обесштетувањето на осигурениот износ на нивниот депозит до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра ќе се исплаќа еднократно и ќе биде достапен за исплата од денот на почеток на исплатата на обесштетувањето.
Поконкретно, во врска со вчерашната објава на Фондот за осигурување на депозити, појаснуваме дека секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи.Но, правото на исплата на обесштетување не застарува. По истекот на овој временски период, депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките-исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој останува посветен да обезбеди обесштетување независно кога депонентот ќе достави барање за да го оствари своето право на обесштетување.