Синдикатот на културата на Република Македонија реагира на последните случувања во културниот сектор, оценувајќи дека во изминатите две години имало низа проблеми и, како што наведуваат, „неразбирање на културата“.
Од Синдикатот директно го критикуваат поранешниот министер за култура Љутков, обвинувајќи го дека за време на неговиот мандат културните институции се соочиле со сериозни нарушувања во функционирањето.
„За само две години, Љутков успеа да направи од културата нешто што ретко кој би го постигнал: од институции направи бојно поле, од вработените статистика, од дијалогот монолог“, наведуваат од Синдикатот.
Како особено спорно го издвојуваат Колективниот договор за култура, за кој велат дека бил претворен во „најголем проблем во државата“ и стигнал до Уставниот суд, иако, според нив, Судот претходно двапати ја потврдил неговата уставност и законитост.
Во реакцијата се наведуваат и низа други забелешки, меѓу кои селективни унапредувања, неисплатени стручни звања, проблеми со платите, како и случаи на лица со средно образование кои, според Синдикатот, работеле како „правници“ во културните институции.
Од Синдикатот дополнително обвинуваат за игнорирање на синдикатот и оставање на институциите сами да се справуваат со проблемите.
„И сето тоа, се разбира, во име на ‘унапредувањето на културата’“, наведуваат од Синдикатот, додавајќи дека се надеваат оти, како што велат, промените биле прекинати навреме.
Според нивната оценка, во времето на Љутков не биле реализирани реформите кои тој ги најавувал на прес-конференции, туку културниот сектор се соочувал со „буквално преживување“ како целина.