Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во новата епизода од серијалот „Низ град со Кики“ се претставува во едно од своите најискрени и најемотивни интервјуа досега. Наместо за деловните успеси и професионалните достигнувања, овојпат зборува за детството, семејството и животните вредности што го обликувале како човек.
Мукаетов се присетува на безгрижните денови поминати во скопската населба Козле, кога детството се одвивало на улица и во маало, без мобилни телефони и со многу другарување.
„Моите сеќавања се за едно прекрасно детство. Детство во кое се дружевме многу, ние го викавме на тревче, во наше маало, во Козле. Детство во кое немаше мобилни телефони, туку преку тераса со моите најдобри другари Ники и Бане се договаравме со викање кога одиме во маало, па таму да ги дособереме другите деца. Одите дома само да си ручате, се враќате назад и во маало сте цел ден. И дома кога ќе дојдете, целиот испотен, црн, буквално некој само да ве фрли во вода“, раскажува Мукаетов.
Во разговорот тој открива и помалку познати детали од средношколските денови во „Корчагин“, легендарните скопски журки, студентските години во Лондон, првите работни искуства и силното влијание што неговите родители го имале врз неговиот карактер и животни избори.
Преку искрени сеќавања, анегдоти и животни лекции, интервјуто прераснува во топол и емотивен разговор меѓу татко и ќерка, исполнет со спомени и пораки што ретко се споделуваат во јавноста.