Сѐ уште сум си најверната пријателка, велеше актерката Билјана Беличанец, најмладиот дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности. Брзаше, прескокнуваше одделенија во основно и во средно училиште, секаде иташе да стигне прва, и дипломирраше на неполни 20 години. Посакуваше голема филмска улога и велеше дека ќе биде трпелива, макар и тоа да се случи на крајот на нејзината кариера, објави promotor.mk.
Лесно е да излезеш на крај со емоциите, ако „личната карта“ на ликовите е јасно разработена и дефинирана уште во самиот процес на градење. Само во таков случај би можело да се избегне самоповторувањето или препознавањето на еден лик во друг. Секако, како што секоја претстава се разликува една од друга, поради многу сегменти, така би требало да се двојат и самите ликови. Секако е потребна и извесна доза на моќ и на умеење на трансформација. Но, колку и да сакаме да побегнеме од себе, не е возможно. Некаде ќе се наѕирне јадрото, па ќе ме насетите самата мене, велеше Алексиќ во интервју за неделникот „Република“ кое беше објавено во 2013 година.
Интервјуто во Неделникот „Република“ беше објавено по нејзината игра во претставата „Генетика на кучињата“ каде што беше оправдано да ги собере наградите за најдобра женска улога. Душевниот пустош на Сара Глембај пресликан преку феноменалната улога на Билјана Беличанец – Алексиќ ве остава без зборови. Неминовно, на крајот најголемиот аплауз публиката ѝ го посветува токму на неа, на актерката што избегнувајќи ги познатите шаблони на играње пијанство и лудило успева да нѐ внесе во целата таа „игра“ и притоа за момент да заборавиме дека сѐ е само глума на еден феноменален артист. И кога ќе помислите дека го постигнале врвот во својата кариера, актерите од рангот на Беличанец – Алексиќ ти покажуваат дека до врвот има уште многу. „Стоби“ и „Охридско лето“ имаа можност да ја запознаат Ифигенија од Македонија, а сега таа чест ја имаат и скопските театарски обожаватели доколку ја погледнат „Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот“. А, ова е само еден дел од тоа што следува со енергичната Билјана Беличанец – Алексиќ.
Најмлад дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности. Како успеавте да дипломирате на 19–20 години?
Беличанец: Дипломирав на тукушто навршени дваесет години. Најверојатно, тоа се должи на моето животно темпо, кое е ете, од некои причини, позабрзано. Најверојатно мојот личен песочен часовник истекува така…
Имате одбиено да примите една награда на овој фестивал – за најдобар млад актер?
Беличанец: Мојата импулсивна страна на карактерот и необјаснивата храброст во тоа време, што можеше да донесе, ако не пркос? Во животов му пркосев на времето, пркосев на просторот, средината, пркосев сама на себе, зошто не и на чинот- наградена. Ја донесов на сцена Медеја, зошто не и Медеина одлука, која како меч со две острила бев подготвена да ме шибне низ времето. Тоа беше една од моите животни пресвртници. Чин, кој од оваа временска дистанца, ако сѐ уште провоцира да се говори за него, значи дека се памети. А, во оваа професија, која е осудена да е „уметност на мигот“, најважно е да си запаметен. Еве, јас вака си се правдам и ќе си дозволам да дадам некое семантичко значење на одлуката. (хахаха)
Со кој македонски режисер не би соработувале?
Беличанец: Сум соработувала со повеќето од нив, како од таа генерација на режисери што се директни втемелувачи на современата театарска македонска историја, до новите млади режисерски сили, кои сериозно си го заземаат своето место во оваа фела. Секако, сум работела со странски режисери, со кои, пак, е предизвик непознатото во самиот почеток. Но, има и такви режисери, со кои сѐ уште сум немала среќа да работам, а искрено си посакувам. И, конечно, секоја соработка, со кој било од нив, за мене е како мала студија или школа, од која и во лошиот случај се учи многу. И сепак сметам дека не е тоа „режисер“ со кој не би сакала да работам, ама може да се случи, да не се согласам со концепт, идеја, задача…
И по веќе 18 години на театарската сцена, Ве немана филмското платно, барем не со некоја поголема, главна улога. Се чини најдобрите театарски актери немаат среќа на големото платно, барем не во земјава. Која е причината. Вие немате желба или?
Беличанец: А, па не стојат баш така работите. Јас, пак, мислам дека сите актери што се нашле на македонското филмско платно досега, а посебно изминативе години, како што беа плодни во македонската кинематографијата, се на вистинското место со апсолутен квалитет. Баш како најдобрите актери за задачите што им беа дадени. Само, им забележувам на две работи. Првата: дека не секогаш се зачувува принципот на избор, па така и не секој од нас е во рамноправана позиција да добие можност. И вторатa: ретко кој од нашите филмски режисери посетува театарски претстави, речиси и не посетува! Како што е и практика, на повеќето театарски режисери, кои меѓу себе не си ги гледаат претставите. А, за жал, тука најмногу губат актерите. Претставите, се најверната можност за некој да биде виден, до каде стасал, која нова страна самиот актер ја отворил и дал од себе, во која креативна фаза е, колку е подложен на трансформации, како физички, така и емотивни. Да, театарската сцена е како голем сад со разновидно овошје, кои некои одбиваат дури и да го видат, а не, пак, да нѐ вкусат. Значи, далеку сум јас од таа позиција да одбивам или да немам желба, туку, напротив, до сега воопшто не ми се укажала можност. Но, надежта постои дека и јас ќе имам среќа еден сончев ден, па дури и да е на залезот мој.
Текстот во целост на promotor.mk