Вкупно 101.878 граѓани не си подигнале 2,4 милиони евра од пропаднатите банки и штедилници во земјава. Половината од нив на штедна книшка имале мали износи од 100 до 1.000 денари, но за другата половина се уште не е јасно од кои причини си ги „заборавиле“ парите кои ги имале на сметки во нив, иако имале право да бидат обештетени.
Податоците на Фондот за осигурување на депозити покажуваат дека од јануари 1997 година до крајот на јуни лани, во земјава пропаднале вкупно 11 банки или штедилници каде вкупното обештетување изнесувало 24,7 милиони евра, иако граѓаните во нив чувале вкупно 29 милиони евра. Најмногу пари биле заробени во Македонска банка а.д. Скопје во ликвидација, каде во моментот на пропаѓање граѓаните чувале 29 милиони евра, а осигурани биле или обештетувањето изнесувало 21,2 милиони евра, од кои до крајот на јуни лани се исплатени вкупно 18,9 милиони евра или 89,17 проценти, што е еден од пониските проценти во однос на другите пропаднати банки и штедилници, каде обештетувањето одело до над 95 проценти.
Додека пак во првата половина на 2019 година вкупно се исплатени 6 штедачи депоненти на Македонска банка а.д. Скопје во ликвидација. Тие лани си поделиле 44,3 милиони денари или вкупно 720.000 евра.
фото: Архива