Фудбалерот на ПСЖ и капитен на репрезентацијата на Мароко, Ашраф Хакими, ќе се соочи со судски процес во Франција по обвинение за силување, откако француски суд ја потврди одлуката случајот да продолжи пред кривичен суд.
Хакими ги отфрла сите обвинувања и порача дека судењето ќе му овозможи конечно да ја изнесе својата верзија на настаните. На социјалната мрежа „Икс“ тој напиша дека едвај чека да зборува пред судот.
Случајот датира од февруари 2023 година, кога 24-годишна жена пријавила во полицијата дека била силувана од фудбалерот. Според нејзиниот исказ, двајцата се запознале преку социјалната мрежа Инстаграм, по што таа отишла во неговиот дом со такси-превоз што наводно го организирал Хакими.
Жената тврди дека фудбалерот ја бакнувал и допирал без нејзина согласност, а потоа ја силувал. Според нејзините наводи, успеала да се ослободи и да испрати порака до пријателка, која дошла по неа.
Датумот на почетокот на судењето сè уште не е објавен. Одбраната на Хакими нагласува дека одлуката за судски процес не претставува доказ за вина и дека тој останува цврст во својата одбрана.
Во меѓувреме, Хакими е со националниот тим на Мароко на Светското првенство, каде што неговата селекција го продолжува настапот во групната фаза.