Денеска се одбележува Денот на реката Дрим. Оваа година на поспецифичен начин, поради пандемијата, на брод.
Манифестацијата за прв пат започна да се организира во 2014 год и тоа во четири града од поширокиот Басен на реката Дрим истовремено.
Одбележувањето на овој ден претставува потврда дека сите институции во земјата, од министерствата, општините, преку невладиниот сектор се до граѓаните, ја препознаa важноста на ресурсот, но и среќната околност што тој е дел од нашата животна средина.
Дејан Пановски Координатор на Дримскиот проек, по повод одбележувањето на Денот на реката Дрим за Скопје 1 истакна дека поважните водни ресурси во светот, посебни оние кои се врзани со значајни еколошки , економски и социјални елементи за општеството, имаат свој Ден.
„Реката Дрим како важен воден ресурс со слив кој спојува пет држави не е исклучок од светската пракса. Поентата а воедно и придобивките на ова одбележување е сензибилизација на јавноста за значењето на водните ресурси, потенцирање на прекуграничната соработка и еднаквот на активности и секако внесување за граѓанскиот сектор во процесите на заштита и управување со водните ресурси“, истакна Пановски.

Годинава во која главен акцент е Ковид пандемијата, сепак се одржува континуитетот на одбележувањето на манифестацијата.
„Според оргиналниот распоред Денот на Дрим е 5.Мај и за тогаш беа планирани сите активности. Пандемијата и состојбите тоа го оневозможија тоа и целиот процес го префрливме за тогаш кога земјите ги олабавија мерките. На црногорската страна настанот веќе се одржа на 7 Јули, на косовска и македонска страна настанот е закажан овој викенд 25-26 Јули, а на албанската страна ќе биде одржан на 5 Септември. Основата на пораката е дека битката за заштита на водните ресурси продолжува и сите овие настани се одвиваат преку виртуелни конференции и предавања и настани организирани со почитување на здравствените мерки. Целта како поддржувачи на овие настани ни беше да се покаже дека и во новата нормалност нема застанување кога се работи за свеста за заштита на природата“, истакна Пановски.
Инаку имплементацијата на Дримскиот проект е при крај. Пановски зборува и за резултатите кои се постигнаа низ имплементацијата на тој проект.
„ГЕФ Дримскиот проект е само дел од поширокиот Дримски процес кој како процес ќе биде присутен секогаш. Ние увидовме кои се недостатоците во управувањето со еден ваков исклучително комлексен еколошки но и енергетски ресурс преку Прекуграничната дијагностичка анализа која ја спроведивме.Со таа анализа сега точно се идентификувани состојбите на сливот од аспект на институционална поставеност, биодиверзитетот во сливот, неговата хидрологија, изворите на загадување,врската со храната и енергијата и целата социоекономија на сливот. Врз база на таа анализа изготвена е Стратешката акциона програма кој содржи план на акции за секој од проблемите во сливот. Таа програма на 24.Април 2020 година на видео конференција беше одобрена и потпишана од надлежните политички преставници на државите од Басенот. И врз основа на утврдени приоритети на секоја од земјите веќе пристапуваме кон изработка на проектните фишеа за имплементација на тие мерки, кои ќе ги презентираме на донаторска конференција специјално подготвена за Дримскиот басен“, вели координаторот на проектот.
Што се однесува до приоритетите, Пановски вели:
„ Македонскиот дел од Дримскиот басен е горниот дел на басенот и содржи во себе три суб- басени. Два езерски (Преспа и Охрид) и еден речен (Црн Дрим). Но во себе ги содржи исклучително важните енергетски капацитети, хидроцентралите на Црн Дрим. Од тој аспект клучмно е да се воспостави континуирана соработка на енергетските компании на земјите од басенот. Нашиот фокус е сега на изработката на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро. Тоа е алката што долго недостасуваше во управувањето со целокупниот слив. Ова ќе биде воедно и прв прекуграничен план во согласност со Европската рамковна директива за води. Добрата вест е дека Нацрт Планот е изготвен и сега по него следува консултативен процес за негово финализирање. Втората добра вест е што Планот содржи програма на мерки која опфаќа преку стотина конкретни мерки за санирање на состојбите во сливот и обезбедување на стабилна состојба на езерото и сливот, со надлежност и финансиски проценки. Имавме шанса да поставиме рамка за иднината и тоа го сработивме. Пораката е дека екологизмот треба да го промовираме како култура на живеење. Дека треба да почнеме со носење на одлуки и решенија, а не само констатирање слабости. Јас не сум приврзаник на пароли ниту на патетика, тука на борба со јасни одлуки што смее, а што не смее и на јасни казни за оние кои прават штети врз екосистемот и општеството. Верувам дека новата генерација ќе биде похрабра во носење одлуки и решенија. И да не го потцениме Дрим. Тоа е системот кој ја одредува и иднината на Охридското Езеро и токму тоа покрај другото беше основата да го туркаме Дримскиот процес“, вели Пановски.