Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт против Васил Јованов, возачот кој ја усмрти Фросина Кулакова на пешачки па булеварот Партизански одреди.
„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Советот за оценка на обвинителниот акт, ГО ОДОБРИ обвинението на Основното јавно обвинителство со КО бр. 271/25 од 27.03.2025 година против осомничениот В.Ј. за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 в.в. со чл. 297 ст.1 од КЗ, поврзан со сообраќајката од јануари 2025 – та година на булеварот Партизански одреди во Скопје во која животот го загуби 22 – годишната Ф.К. Со одобрениот обвинителен акт, формиран е кривичен предмет со К.бр. 780/25 кој ќе биде ќе биде распределен на понатамошно судење согласно АКМИС – системот, а кога ќе биде насрочен термина за главна расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени“, велат од Кривичен суд.
Претходно, Обвинителството поднесе обвинение во кое го гони Јованов за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот.
„Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот “Партизански одреди” и улицата “29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место“, стои во обвинението.