Еден од најавтентичните културни настани во Охрид последниве години – староградската пловидба „Ој љубов, љубов“ – ќе се одржи вечерва по шести пат, во рамки на Алтернативното културно лето, во организација на Културолошката иницијатива „5 до 12“.
Традиционално, собирот на сите пловни објекти, исклучиво со веслање, е закажан за 17:30 часот на плажата Канео, од каде што ќе се заплови до Старото пристаниште – Островче. Настанот ќе биде достапен и за посетители од копно од 18:30 часот.
„Дојдете и оваа година, во еден глас да ги испееме охридските и македонските песни и да останеме доследни на нашето, од традицијата подарено“, велат организаторите.
За безбедноста на присутните ќе се грижат Езерската полиција, Капетанијата на пристаништата и Црвениот крст – Охрид.
Важно известување до учесниците и посетителите:
Строго е забранета употреба на пиротехнички средства за време на пловидбата.
Сите пловни објекти со мотор мора да се држат на безбедно растојание од веслачите и чамецот со ансамблот.
Апел за коректно и одговорно однесување, за настанот да помине во духот на традицијата и со максимална безбедност.
Оваа уникатна пловидба, која низ годините прерасна во симбол на културното лето во Охрид, привлекува сè поголемо внимание и се смета за едно од највредните културни освежувања во градот.