Меѓу 1.200 и 1.500 лица чекаат на грчко- македонската граница, откако на социјалните мрежи се појави лажна вест дека одново е отворена „балканската рута“.
Дали нова мигрантска криза и се заканува на Македонија? Станува ли нашата земја дел од рутата на мигрантите кон сонуваниот подобар живот во Европа? Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска тоа е нова реалност на која мора да се навикнеме и опасност која може да се создаде преку ноќ.
Армијата и полицијата будно ја следат состојбата со мигрантите на јужната граница, смирува министерката за одбрана. Шекеринска вели дека единиците на АРМ се присутни на теренот и подготвени да одговорат доколку дојде до мигрантски бран од Грција.
– Собранието неколкупати ја продолжуваше одлуката на границата да имаме и воена односно армиска поддршка дури и во периоди кога изгледаше дека опасноста поминала, меѓутоа и јас и министерот за внатрешни работи велевме дека во поглд на мигранстките кризи мора да се навикнеме на новата реалност, а тоа е дека таа опасност може да се создаде преку ноќ, и дека таа ќе биде најверојатно една од стандардните опасности и за нас, меѓутоа и за сите земји во регионот, рече Шекеринска.
Миграционите власти денеска во солунскиот камп се обидуваат да ги убедат луѓето да се вратат во прифатните центри. Инаку бројот на мигранти во Грција кои во моментов се наоѓаат во импровизираниот камп надвор од прифатниот центар Диавата е околу 700. Грчките власти информираа дека успеале да убедат дел од нив да се вратат во кампот.