Општина Чаир и оваа недела продолжува со реализација на превентивните активности во рамките на платформата „Чаир во ритамот на здравјето“, со цел заштита и унапредување на здравјето на граѓаните во периодот на летните горештини.
Секој ден, во периодот од 11:00 до 13:00 часот, на неколку локации во општината ќе бидат поставени здравствени пунктови каде што граѓаните ќе можат бесплатно да добијат основни здравствени услуги и стручни совети.
Медицински тимови од Здравствен дом Скопје ќе бидат присутни во Паркот Чаир и во Старата чаршија, пред Мустафа-пашината џамија, додека во Паркот „Ринија“ граѓаните ќе можат да се консултираат со лекари епидемиолози од Центарот за јавно здравје – Скопје.
На пунктовите ќе се врши бесплатно мерење на крвниот притисок и шеќерот во крвта, а посетителите ќе добијат и совети за заштита од високите температури, препораки за соодветна облека во летниот период, како и едукативни материјали за зачувување на здравјето.
Во рамките на активностите, претставници на Општина Чаир во соработка со Црвениот крст ќе делат и шишиња со вода на најфреквентните локации, со цел поттикнување на редовна хидратација и спречување на последиците од топлото време.
Од Општината посочуваат дека целта е навремено информирање, превенција и поддршка на граѓаните, со посебен акцент на најранливите категории на населението.
„Превенцијата е најдобрата заштита. Чаир во ритамот на здравјето – затоа што здравјето на граѓаните е наш највисок приоритет“, порачаа од Општина Чаир.