Битолчанецот Тони Ѓорѓевски Фердо доби ослободителна пресуда за убиството на зетот. Тој делото не го сторил намерно и со умисла како што тврдеше Обвинителството, туку во нужна одбрана додека го бранел семејството. Ова е заклучокот и на судот, кој го ослободи битолчанецот, по осум месеци притвор.
„Конечно судот по осум месеци донесе правилна пресуда, ослободителна за мојот татко. Тој е конечно слободен, фала ви на сите за поддршката“, вели Јове Ѓоргиевски, син на Тони Ѓоргиевски – Фердо.
Неговото семејство организираше и протест, на кој бараше слобода за битолчанецот.
„Осомничениот, на 21 февруари, со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка. Според првичните сознанија, сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „Бајкал” што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на лице место“, се наведуваше во соопштението од Обвинителството.