Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за Агенција Европа, смета дека е важно одлуката за отпочнување на преговорите со ЕУ да биде донесена во март, како признание за напорите на Владата.
„Сега е единствен логичен момент затоа што, ако се случи во март, тоа ќе биде за време на мандатот кога се направени сите тешки компромиси“, вели Османи осврнувајќи се на договорите со Бугарија и Грција како и Законот за јазици.
Вицепремиерот смета дека одлуката треба да биде донесена на мартовски самит на ЕУ, односно пред изборите во април.
„Да не се донесе одлука би било најголемото можно мешање во изборите, затоа што за време на овој мандат, преземавме политички ризик и ја втемеливме таа одлука врз ветувањето на ЕУ. Им рековме на нашите сограѓани, во референдумското прашање дека имаме договор со ЕУ: ако ние го исполниме нашето ветување, ЕУ ќе го исполни своето. Ако ЕУ не го стори тоа за време на овој мандат, ова ќе биде најголема интервенција во изборите и ќе има огромни последици“, предупредува вицепремиерот задолжен за европски прашања.
фото: Архива