Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи од ДУИ, денеска го претстави системот „Градежна стража“ како дел од својата програма против урбаниот хаос и нелегалното градење. Иако зборува за „бетонска џунгла“ и политичка заштита на дивоградби, критичарите потсетуваат дека токму ДУИ повеќе од една деценија ја контролира општината, па одговорноста за хаосот кој денес Османи го осудува е во голема мера нивна.
„Во Чаир одамна е изгубено чувството за ред и поредок во градењето. Се гради без дозвола и без план, и тоа директно поддржано од општинските власти. Граѓаните гледаат како нивната општина се претвора во бетонска џунгла. Овој урбан хаос нема да продолжи“, порача Османи.
Најавениот систем предвидува јавна интерактивна мапа за градбите, анонимни пријави за сомнителни градби, QR-кодови на секое градилиште, „црвена линија“ за пријавување на корупција и целосна ревизија на сите дозволи. Но, иако овие мерки звучат како иновација, останува прашањето зошто партијата на Османи не ги спровела досега – кога токму таа ја имала власта и институциите под своја контрола.
„Градежниот криминал не се решава со изјави, туку со механизми на контрола и транспарентност. Овие алатки се мојот одговор“, рече Османи, но токму граѓаните кои секојдневно се соочуваат со дивоградби и хаотичен урбанизам најмногу се сомневаат дека ваквите ветувања ќе останат само предизборна реторика.
ДУИ досега секогаш победувала во Чаир и редовно ја користела таа доминација за да управува со општината. Прашањето е дали жителите овој пат ќе ѝ веруваат на нови ветувања, или ќе ја казнат партијата која има најголем удел во создавањето на проблемите што сега сака да ги решава.