Ќе ги почитуваме препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците преку создавање капацитети, со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, објави Бриф.мк
– Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава, рече Османи одговорајќи на новинарско прашање, по промоцијата на програмата „Европски корпус на солидарноста“ во ЕУ Инфоцентарот.
Османи смета дека нема големи разлики во ставовите на владините коалициски партнери ДУИ и СДСМ за ова прашање.
– Мислам дека слични се ставовите. Ако ја слушнавте последната изјава на премиерот Заев и на вицепремиерката Шекеринска, слични се со нашите ставови дека нема да има отворање на прашањето на јазикот, како што нема да има отворање на прашањето на Преспанскиот договор, на Договорот со Бугарија, и на јазикот ќе биде исто, кажа вицепремиерот.