Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на првиот ден од работната посета на Брисел имаше средба со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
За време на средбата Османи го поздрави активниот ангажман на високиот претставник на ЕУ, Борел, за поддршката на европската перспектива на регионот, како и за преземените иницијативи за обезбедување мир, стабилност и просперитет помеѓу земјите од Западен Балкан. Во таа смисла Османи се заблагодари за неговиот придонес кон усвојувањето на одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија од страна на Советот на ЕУ и потоа потврдена од Европскиот совет во март оваа година.
„Зеленото светло за почеток на преговорите со Северна Македонија беше демонстрација на подготвеноста на ЕУ да презема стратешки и визионерски одлуки, дури и во предизвикувачките и тешки времиња на соочување со кризата предизвикана со Ковид-19. Како Европејци заедно се соочуваме со предизвикот на вирусот и високо ја цениме итната ЕУ-помош дадена за нашата земја, како и за целиот регион. Ова е вистинското време ЕУ и земјите кандидати сериозно да ги разберат значењето и важноста на солидарноста и меѓусебната соработка и заедно рака под рака да ги надминат социо-економските последици од пандемијата“, истакна Османи посочувајќи дека одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годината ќе биде охрабрувачка порака и кон другите земји од регионот да направат сè што е во нивна моќ и што е потребно во исполнување на реформите и постигнување компромиси за надминување на билатералните спорови.
Во оваа насока Османи со Борел разговара и за заедничките напори што високиот претставник ги прави заедно со специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово.
„Успехот на дијалогот Приштина – Белград, кој се одвива во Брисел, ќе придонесе во надминување на разликите и создавање стабилен и безбеден регион како основа за зголемување на регионалната економска соработка. Можете да сметате на Северна Македонија како на стабилен партнер во регионот, земја што е секогаш подготвена во рамките на своите можности да ги помогне ваквите напори“, потенцира Османи на средбата пренесувајќи му ги притоа на високиот претставник приоритетите на надворешната политика, со особен осврт кон добрососедските односи и поддршката на регионалните иницијативи.
„Убеден сум дека Вашето ценето политичко искуство и ангажман ќе придонесе за натамошно зајакнување на улогата на ЕУ на глобалната сцена. Дозволете ми исто така да Ве уверам дека особено по зачленувањето на Северна Македонија во НАТО како нејзина 30-та членка, целосно сме подготвени и посветени да ги поддржиме Вашите напори во оваа насока, за натамошно зајакнување на европската и трансатлантската безбедност. Што и да ни носи иднината, Северна Македонија цврсто реши да биде упорна во целта да стане европска демократија управувана од вредности и принципи, како што се владеењето на правото и почитувањето на човековите права“, беа пораките на Османи на средбата со Борел.
Средбата Османи – Борељ се случува во исклучително динамично време за европските аспирации на Северна Македонија во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка и закажувањето на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство како официјален почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ.