Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, промовирајќи што ќе прави со општината, повторно се осврна на националистички прашања. Тој промовира теза дека се спрема укинување на Рамковниот договор. Ова доаѓа откако министерот за правда, Игор Филков рече „Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, можеби е дојдено време да се ревидира“, а премиерот Христијан Мицкоски возврати: „Рамковниот договор е исполнет во целост и тоа е завршена тема“. Османи најави мобилизација, обвинувајќи дека „Македонија станува дел од српскиот свет“.
„Јас мислам дека тоа не е лапсус и не е случајно, дека е дел од стратегијата на премиерот да бара од министрите да најават теми кои се многу проблематични, за потоа со празни деманти да балансира. Целта е во јавност да се пушти пробен балон, да се релативизира темата, да се навикне увото на граѓаните на таквата тема и еден ден како што направија со многу столбови на Рамковниот како јазикот, правото на одлучување на Албанците - да го поништат. Едно да кажам, нема да дозволат Албанците поништување на Рамковниот договор. Ова ќе нѐ најде мобизирани“, рече Османи.
Според Османи, 461 пратеник од Европскиот парламент изгласале извештај според кој Македонија станува дел од српскиот свет.
„Елементите на српскиот свет го фаќаат системот. Ова е изолација од ЕУ, станување дел од српскиот свет, кој е прокси на рускиот свет. Иднината на државата е загрозена“, рече Османи.