Последна шанса е на собраниска седница на 12 септември да се изгласаат измените на Законот за локална самоуправа.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински потврди дека се прават напори Законот за локална самоуправа, кој е блокиран во Парламентот, да се донесе до 12 септември, кога може да се одржи последната парламентарна седница пред локалните избори.
Тој посочи дека пред да биде предложен законот во Собранието, повеќе од шест до седум месеци имало консултации и дебати со сите засегнати страни, вклучително и со координаторите на пратеничките групи во Парламентот.
Прстот за неуспехот го впери во ДУИ и СДСМ.
„Мене ми е жал што ниту ДУИ, ниту СДСМ не успеаја да се надминат себе си и да ги поддржат овие законски решенија, затоа што, пред се, овие предлози се однесуваат на зголемување на демократските процеси на локално ниво”, изјави Перински.
Овие измени се однесуваат на можноста за референдумско разрешување на градоначалникот, воведување комунална полиција како обврска на градоначалникот и транспарентно емитување на сите седници на советите.
Според Перински целта е да се подобри квалитетот на локалните услуги и демократијата на локално ниво.
Додаде дека ако законските измени не се изгласаат на следната парламентарна седница, не ќе можат да се применат кај новоизбраните градоначалници кои ќе останат единствените јавни функционери без можност за предвремено разрешување, нема да може да се воведе комунална полиција и градски архитекти, што според него може да влијае на квалитетот на локалната работа.
демократијата.
„Се надевам дека ќе бидат донесени бидејќи тоа ќе биде и последна можност да се изгласа законот. Во предлог-измените во преодните и завршни одредби стои дека законот откако ќе се изгласа ќе почне со негова примена практично на следните редовни локални избори. Така што ако не го фатиме овој турнус тоа значи дека градоначалниците, согласно новите мандати, не ќе може да се применува“, рече Перински.