Осум пратеници предводени од пратениците од Охрид: Жаклина Лазаревска, Рубин Земон, Сашо Василески и Љубен Арнаудов до Претседателот на Собранието Талат Џафери, поднесоа Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“, по скратена постапка.
Поднесителите на Предлог – законот велат:
„Паѓајќи од современите предизвици на високото образование во Република Северна Македонија, како и потребата за перманентно унапредување на неговиот квалитет, неопходно е постоење на соодветни и објективни предуслови и стандарди за остварување на таа цел. Градот Охрид има посебно место во националната, духовната, интелектуалната, економската и културната ризница. Значаен дел од македонското опстојување се базирало врз искуствата на охридските дејци. Меѓутоа и покрај ваквото богато историско и современо наследство, Охрид се’ уште нема обезбедено свое место на академската мапа на Републиката, но и пошироко во светот. Иако во него речиси секојдневно се случуваат многубројни академски настани, (конференции, дебати, промоции на книги, Охридско лето и други манифестаци на кои учествуваат најпознати имиња од соодветни области во светската интелектуална заедница) Охрид сепак не успева сето тоа да го преточи во ризница на соодветна академска институција која ќе се повикува на традициите на Охридската книжевна школа и Свети Климентовиот универзитет, но и како институција со седиште во градот што е под заштита на УНЕСКО со богато природно и културно наследство.
На овој план е направен обид со формирањето на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“, меѓутоа истиот не се развива според академските страндарди во македонскиот и охридскиот едукативно-културен простор. За жал оваа убава и голема идеја се искомпромитира со неисполнувањето на академските стандарди, коннстатиираат пратениците“.
Осумте пратеници додаваат: - Затоа со наведените решенија содржани во овој Предлог на закон ќе се трансформира Универзитетот во Охрид, во еден современ универзитет по примерот на многу универзитети што се симбол на зачувување на културното наследство, и заштитата на животната средина и примената на научните достигнувања.
Во иднина името на постојниот универзитет би му било: Охридски Универзитет „Свети Апостол Павле“ како највисока автономна високообразовна и научна установа, со следниве единици во негов состав:
1. Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика;
2. Факултет за општествени и хуманистички науки;
3. Факултет за студии на животната среднина;
4. Факултет за применети уметности и
5. Институт за напредни истражувања за заштита и управување со животната средина и културното наследство“.
Сите тековни акредитирани студиски програми од прв, втор и трет циклус на досегашните факултети на Универзитетот, се пренесуваат на Факултетот за применета информатика и дигитална хуманистика.
Затекнатите студенти на студиските програми на сите досегашни факултети на Универзитетот го продолжуваат своето образование на Факултетот за примената информатика и дигитална хуманистика, според студиската програма по која ги започнале студиите.
Со самото поднесување законот е веќе влезен во собраниска процедура, подносителите се надеваат дека наскоро тој ќе ги помине комисиските филтри и дека потоа и ќе биде усвоен бидејќи со него Универзитетот конечно би застанал на стабилен темел.
фото: Архива