Министерството за здравство денеска информира дека до Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи поврзани со можни неправилности кај кардиохируршки и кардиолошки интервенции. Истовремено, до Лекарската комора е побаран вонреден стручен надзор.
Министерот Азир Алиу нагласи дека предметите не се резултат на поединечни претставки од пациенти, туку биле доставени од една јавна здравствена установа. „Комисијата ќе почне со работа веќе утре,“ рече Алиу.
Проблемот доби на тежина по јавните сомнежи што ги изнесе кардиологот Сашко Кедев – дека во одредени приватни болници се правеле непотребни интервенции, мотивирани од профит, меѓу кои и стентирања и отворања на граден кош. Тие тврдења ја натераа државата на 21 август да формира специјална комисија со експерти од Словенија, Италија и Австрија, задолжена да изврши ревизија и во јавниот и во приватниот сектор.
Првично, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, минатата недела изјави дека до тогаш не се поднесени пријави од пациенти и ги охрабри граѓаните да реагираат доколку имаат сомнеж. Со денешната информација, за првпат институционално се доставуваат случаи за контрола.
Според Министерството, Интерната комисија ќе работи по методологија заснована на меѓународни стандарди и медицински докази, а Лекарската комора паралелно ќе спроведе стручен надзор. Планот на државата е примерочно да се провери најмалку 10 отсто од кардиолошките интервенции извршени во последните години.
Податоците од Министерството покажуваат дека во 2023 и 2024 годишно се изведувале по 5–6 илјади кардиолошки интервенции, а само во првите месеци од 2025 се регистрирани повеќе од 5.700, што ја прави ревизијата особено значајна и за јавните пари и за довербата на пациентите.
На новинарско прашање околу застојот на дел од операциите, министерот Алиу одговори дека проблемот е предизвикан од недостиг на медицински кадар во клиниките во Скопје. Тој најави билатерален договор со Словенија, со кој тимови од таму ќе доаѓаат на ротации од 3 до 6 месеци, со цел паралелно да се изведуваат интервенции и да се разменуваат знаења. „Во моментов, операциите на Кардиохирургија се многу ограничени,“ додаде Алиу.