Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за време на својот мандат, зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, покажуваат официјалните информации од базата „Отворени финансии“.
Министерството за финансии, завчера преку базата ги објави сите буџетски трошоци од 2010 година наваму, освен основните плати на вработените во администрацијата и затоа не може да се дојде до официјална информација за висината на личниот доход на Јанева, објави Призма.мк.
Целосните примања на Јанева беа предмет од особен интерес на јавноста уште од самото формирање на СЈО, меѓутоа тие официјално не можеа да бидат потврдени бидејќи обвинителството дел од примањата ги класифицираше како таен податок. Сите инсистирања за сумите досега се сведуваа на претпоставки, а Јанева одбегнуваше да соопшти колку вкупно пари зема како шефица на Специјалното јавно обвинителство.
Најголем дел од дополнителните пари, 157.000 евра таа ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“, а земала и надоместоци за кирија и за тоа што работела вон градот во кој живее.

Базата „Отворени финансии“
Додатоците за доверливост, на Јанева ѝ биле исплаќани на различни датуми, некогаш по два во месецот, некогаш преку еден месец, меѓутоа таа има вкупно 46 исплати, што одговара на бројот на месеци колку што беше на чело на Специјалното јавно обвинителство.