СЈО е блокирано. Ако нема 2/3 мнозинство за Законот за јавно обвинителство, власта најавува измени на Законот за јавни обвинители, по што Советот конечно ќе може да избере в.д. специјален обвинител.
Доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за усвојување на Законот за јавно обвинителство, министерката за правда Рената Дескоска најави дека се размислува за „План Б“, со кој би се надминале пречките што ја кочат работата на СЈО. Станува збор за измени на сегашниот Закон за јавни обвинители кои се носат со обично мнозинство, а со кои ќе му се овозможи на Советот на јавни обвинители да избере вршител на должноста Специјален јавен обвинител.
А дали на сцена ќе стапи „Планот Б“, зависи токму од опозицијата. Време за усогласување на ставовите се уште има, но ако на крајот не гласа за Законот за јавно обвинителство, нема да остави друг избор. Дескоска завчера во Собранието ги повика пратениците „да стиснат зелено копче за да го изгаснат пожарот во кој се наоѓаме повеќе години, што ќе значи продолжување на постапките на СЈО во кои има индиции и обвиненија за сериозен криминал направен од претходната власт".