Првата половина од 2026 година донесе неколку големи кино-хитови кои остварија извонредни резултати на светските благајни. Публиката најмногу гледаше продолженија на добро познати франшизи, но меѓу најуспешните наслови се најдоа и неколку оригинални филмови.
Според податоците на „СкринРант“, најголем кино-хит досега е анимираниот филм „Супер Марио Галакси“, продолжение на успешната франшиза на „Нинтендо“ и студиото „Илуминејшн“. Филмот веќе заработи повеќе од една милијарда долари, поточно 1,007 милијарди долари на светските кино-благајни.
На второто место се најде биографскиот филм „Мајкл“, кој го следи животот и кариерата на музичката легенда Мајкл Џексон. Филмот, во кој главната улога ја толкува Џафар Џексон, досега заработи 960,3 милиони долари.
Трет на листата е научнофантастичниот филм „Проект Хејл Мери“, со Рајан Гослинг во главната улога. Ова остварување, базирано на романот на Енди Вир, инкасираше 683,3 милиони долари.
Меѓу најгледаните се најдоа и продолжението „Ѓаволот носи Прада 2“ со 677,6 милиони долари, како и кинескиот хит „Пегасус 3“, кој заработи 656,4 милиони долари.
Во првите десет најуспешни филмови се и анимираните „Хоперс“, „Приказна за играчките 5“, „Мандалоријанецот и Грогу“, како и хорорите „Опсесија“ и „Бекрумс“.
Листата уште еднаш потврдува дека продолженијата на познатите франшизи и натаму доминираат во кината ширум светот, иако публиката покажува интерес и за оригинални приказни, особено во жанровите анимација, научна фантастика и хорор.