Бањата е една од најкористените простории во домот, но најчесто почнуваме да размислуваме за нејзино реновирање дури кога ќе се појават поголеми проблеми. Иако понекогаш се доволни неколку помали промени, експертите велат дека постојат јасни знаци кога целосната обнова е неизбежна.
Еден од најочигледните показатели се испуканите плочки, оштетените фуги и санитарните елементи кои, и покрај редовното чистење, изгледаат истрошено. Таквите оштетувања можат да бидат знак и за посериозни проблеми, како продирање на вода под плочките.
Постојаната влага, мувлата и непријатните мириси исто така укажуваат дека бањата има проблем со вентилацијата, хидроизолацијата или со протекување, што бара навремена интервенција.
Со текот на времето, бањата може да стане и нефункционална. Недостатокот на простор за складирање, тесната туш-кабина или непрактичниот распоред на елементите се причини поради кои многумина да се одлучат за реновирање.
Дополнителен сигнал се и високите сметки за вода и струја. Старите чешми, тушеви и бојлери трошат повеќе енергија и вода, додека современите решенија овозможуваат значителни заштеди.
Недоволното осветлување и материјалите што тешко се одржуваат се уште две причини поради кои бањата може да изгледа постара и помалку практична отколку што навистина е.
Конечно, ако изгледот на бањата повеќе не одговара на вашиот вкус и остава впечаток дека е уредена пред неколку децении, можеби е време за освежување или целосно реновирање.
Мајсторите најчесто препорачуваат бањата целосно да се реновира на секои 10 до 15 години, во зависност од квалитетот на материјалите, начинот на користење и редовното одржување. Помалите промени, како ново осветлување, чешми или шкафчиња, можат значително да го подобрат изгледот и функционалноста без големи трошоци.