Поетот и книжевен историчар Славчо Ковилоски денеска ја прими наградата „Григор Прличев“ за најдобро поетско дело за 2018 година за поемата „Крале Марко по вторпат“. Наградата му беше доделена на традиционалната свеченост што во рамки на Прличевите беседи се одржува секоја година во Охрид.
Лауреатот Ковилоски истакна дека добивањето на наградата е чест и задоволство, но и обврска за понатаму да се работи кон твореење нови, квалитетни дела.
-Работата, подготовката на поема секогаш е подолгорочен процес споредено со пишувањето обична поезија, па дури и на роман. Мора поемата да има некаков тек, за да се задржи вниманието. Голема е честа што ја добивам наградата што го носи името на Григор Прличев, рече Ковилоски.
Кога станува збор за самата наградата „Григор Прличев“, членовите на жири-комисијата со поразителни податоци кои укажуват дека од година во година се намалува интересот за учество на конкурсот.
Наташа Аврамовска, член на жири-комисијата, истакна дека оваа година до Комисијата за доделување на наградата пристигнаа најмал број, конкретно само осум ракописи.
„Интересот за конкурсот и наградата некако стивнува. Пред се, мислам дека тоа е оттаму што последниве години публикацијата на лауереатот не е присутна, едноставно книгите не живеат на јавната сцена во Македонија“, истакна Аврамовска.
Доделувањето на наградата се одржа во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ со која се чествува ликот и делото на поетот и преродбеник Григор Прличев.
Чествувањата за Прличев продолжуваат утре со панихида на гробот на Прличев во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“, а Беседа за неговиот лик ќе одржат академик Витомир Митевски и секретарот на Друштвото на писатели на Македонија Мишел Павлоски. Во родната куќа на прличев ќе се одржи и познатата „Охридската визита“ која годинава е во чест на охридскиот писател и поет Видое Видически.