На денешен ден загина кошаркарската легенда Коби Брајант
Легендарниот американски кошаркар Коби Брајант загина на 26 јануари 2020 година во хеликоптерска несреќа што ја потресе светската спортска јавност. Во трагедијата животот го загубија и неговата ќерка Џијана, како и уште неколку лица, додека патуваа кон тренинг на младински женски кошаркарски тим во Калифорнија.Несреќата се случила кога хеликоптерот, летајќи низ густа магла, удрил во ридски предел. Американските истражни органи утврдија дека леталото во моментот на ударот имало активни мотори и ротор, а сведоци изјавиле дека хеликоптерот нагло се спуштал пред да се сруши. Пилотот, искусниот Ара Зобајан, имал повеќе од 8.200 часа лет и важел за еден од најдобрите во својата професија.Истрагата посочи и на фактот дека хеликоптерот немал систем за предупредување при опасно приближување до теренот, уред кој во тоа време не бил задолжителен за ваков тип летала. Иако подоцна беше препорачано негово задолжително воведување, не е со сигурност утврдено дали тоа би ја спречило трагедијата.Коби Брајант зад себе остави неизбришлива трага во светот на кошарката. Во НБА-лигата пристигна во 1996 година, кога од средношколските клупи директно влезе во професионалната кошарка и стана дел од Лос Анџелес Лејкерс, клуб со кој ја врза целата своја кариера. Со Лејкерс освои пет шампионски титули и стана симбол на посветеност, дисциплина и победнички менталитет.Во текот на кариерата беше 18 пати учесник на Ол-стар натпреварите, еднаш МВП на лигата, двапати МВП на НБА-финалињата и еден од најдобрите стрелци во историјата на натпреварувањето. Постигна вкупно 33.463 поени, а дресовите со броевите 8 и 24 беа свечено повлечени од употреба во чест на неговиот придонес.Од активното играње се прости во 2016 година со легендарните зборови „Mamba out“, оставајќи зад себе наследство што и денес инспирира генерации кошаркари и љубители на спортот ширум светот.
Спорт | пред 1 седмица