МФН и ЕФН со остра реакција по одлуката за ИРЛ: Опасен преседан за слободата на медиумите
По вчерашната одлука на Апелацискиот суд за отфрлање на жалбата на ИРЛ во случајот Анѓушев против Сашка Цветковска и ИРЛ, најголемите новинарски организации во светот, Меѓународната федерација на новинари (МФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) низ изјави на првите луѓе изразија загриженост и сметаат дека судскиот притисок врз независното новинарство во овој случај ќе има далекусежни последици врз слободата на медиумите во Македонија.„Станува збор за предмет за клевета и навреда, во кој тужител е поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а тужени се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска, во врска со истражувачкиот документарец „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година.Генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер вели дека „оваа одлука претставува опасен преседан за слободата на печатот во Македонија и Европа“.„Меѓународната федерација на новинари ја осудува одлуката на Апелацискиот суд да ја потврди првостепената пресуда во која редакцијата на ИРЛ е осудена за клевета. Ниеден суд не може произволно да дефинира кој е новинар или што претставува медиум, особено кога работата за која станува збор јасно спаѓа во рамките на истражувачкото новинарство и е емитувана на национален јавен канал“.Претставникот на организацијата која претставува 600.000 новинари во светот додава дека „со тврдењето дека невладината организација не може да произведува новинарска содржина, Судот го отвора патот за институционализирана цензура. Барањето медиумот да чека бесконечно одговор пред објавување е еднакво на давање на вмешаните лица право на вето врз информации од јавен интерес“.Беланжер предупредува дека ова е спротивно на европските стандарди за слобода на изразување и додава:„Меѓународната федерација на новинари изразува поддршка на ИРЛ, Сашка Цветковска и ССНМ. Ги повикуваме властите да обезбедат судовите да ги почитуваат уставните принципи и европската судска пракса што го штити новинарството, без оглед на неговиот организациски модел.“Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез не ја крие огорченоста од граѓанската пресуда и смета дека „оваа одлука ги охрабрува политичките власти еднострано да одлучуваат кој е новинар или која организација заслужува статус на медиум.„Европската федерација на новинари, која претставува 300.000 новинари во 44 европски земји, вклучувајќи ја и Македонија го осудува овој опасен авторитарен потег. Во демократијата, не е до властите да одлучуваат кој е новинар и што претставува медиум“.Тој додава дека „Апелацискиот суд донел пресуда што е целосно спротивна на фактите (очигледно е дека ИРЛ е медиум и дека неговите новинари произведуваат новинарски содржини) и го надминува легитимниот опсег на своите овластувања сугерирајќи политичко дејствување што е репресивно и спротивно на сите европски правни стандарди за слободата на печатот“.„Бараме темелна ревизија на оваа пресуда, која е исто толку орвеловска, колку што е и погрешна“, вели генералниот секретар на ЕФН.
Македонија | пред 5 часа