Костова за најавениот закон: Идиотско решение без здрав разум и без врска со даноци
Миа Костова остро реагираше на најавениот закон за инфлуенсери, оценувајќи дека станува збор за неразумно и неприменливо решение кое нема врска ниту со реалноста на дигиталната сцена, ниту со вистинска заштита на потрошувачите.Според Костова, јавните реакции биле поделени – дел од граѓаните кои навистина се информирале за содржината на предлог-законот аргументирано се спротивставиле на, како што вели, малтретирањето на инфлуенсерите кои ниту можат, ниту треба да бидат изедначени со радио или телевизија. Од друга страна, имало и коментари од типот „е така ви е“, иако, како што нагласува, законот воопшто не се однесува на плаќање даноци.Костова потенцира дека инфлуенсерите кои оваа дејност ја работат како примарна професија соработуваат со сериозни брендови и компании, каде плаќањата не се вршат „во плико“, туку преку договори, маркетинг агенции и легални трансакции, при што персоналниот данок е веќе платен од фирмите кои ги ангажираат.Како најпроблематичен дел го посочува обидот инфлуенсерите да се третираат како медиуми, со обврска за секоја објава да означуваат дали е реклама или не. Според неа, ваквиот пристап е апсурден, бидејќи инфлуенсерите немаат програмска шема, уредувачка политика ниту термин за реклами, како што имаат традиционалните медиуми. Дополнително, таа укажува дека инфлуенсерите често имаат ексклузивни договори со брендови и не смеат да рекламираат конкуренција, нешто што, како што вели, не важи за телевизиите и радијата.Костова посебно ја критикува идејата да се означува секое стори, дури и кога на фотографија има пијалак или кафе без платена реклама, оценувајќи дека тоа е „идиотски“ и целосно ја нарушува автентичноста, слободата и креативноста на личните профили.Таа смета дека надлежните треба сериозно да го преиспитаат предлог-законот, бидејќи се работи за над 100 луѓе кои директно би биле засегнати, а кои, според неа, речиси едногласно не се согласуваат со решение кое, како што вели, во ваква форма не постои никаде во светот. Иако признава дека во Европската Унија има регулативи за содржини што трајно остануваат во дигиталниот простор, нагласува дека не постојат правила за секое поединечно стори.„За сега се пријавени седум. Така нека остане“, порача Костова, испраќајќи јасна порака дека предложениот закон нема поддршка кај оние на кои директно им се однесува.
Коментари | пред 1 седмица