Мигранти, враќање на Груевски, тендери, контроверзии, Влада! „Претрес“ на министерот Андоновски
4AU6H_PQ96M

народна банка

Нема фотографија

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од 2024 година. Според податоците на Народната банка, на крајот на септември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 995 милиони денари.Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %.Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.За таа цел, Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска.

Македонија | пред 1 година

angeloska-bezoska

Ангеловска-Бежоска: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст

Со трговска отвореност од над 150% од БДП и извоз на стоки и услуги од над 70% од БДП, нашата економија е пример за мала и отворена економија успешно интегрирана во глобалните трговски текови. Притоа, извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст и поддршка на платнобилансната позиција на економијата со позитивно влијание врз девизните резерви. „Во периодот по 2020 година се забележува раст на извозот на услужниот сектор, особено во делот на компјутерските и деловните услуги. Во делот на ИТ-услугите е забележано удвојување на учеството во БДП во однос на извозот во 2019 година, додека во делот на деловните услуги е забележан пораст од 50%“, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во авторскиот текст објавен во петтата годишна едиција „Топ 100 извозници 2024“ на специјализираниот портал Извоз.мк.Во колумната гувернерката истакнува и дека според индексот за подготвеност за вештачката интелигенција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), нашата земја е на 77 место од вкупно 174 земји, што укажува на простор за унапредување на нивото на дигиталната зрелост на земјата за вештачката интелигенција, од аспект на соодветноста на човечките ресурси, дигиталната инфраструктура и регулативата во оваа област.„Еден показател каде што нашата држава е релативно добро рангирана во споредба со земјите од регионот, па и со дел од земјите на ЕУ, е процентот на компании коишто користат вештачка технологија и аналитика на големи бази на податоци (близу 13% од компаниите користат големи бази на податоци (англ. big data), а речиси 10% вештачка интелигенција). Ова укажува на потенцијал за искористување на оваа компаративна предност и задржување на добрите извозни остварувања на услужниот сектор и во иднина“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.Гувернерката во текстот укажува и на можните ризици, како дополнителен предизвик за идните остварувања на македонскиот извозен сектор, како геофрагментацијата, влошените очекувања за германската економијата, како наш најважен трговски партнер, како и климатските промени. Гувернерката нагласува дека периодот којшто ни претстои изобилува со предизвици, и за носителите на економските политики, и за економските субјекти, но и можности доколку компаниите успеат брзо и успешно да се приспособат на динамичните промени.„Јасна е потребата за јакнење на продуктивноста, којашто значително заостанува зад поразвиените економии (за илустрација, продуктивноста на домашната економија е околу 50% во однос на просечната продуктивност на земјите од ЕУ), за подобрување на конкурентниот профил, следење на технолошкиот напредок и за нови инвестиции“, нагласува Ангеловска-Бежоска.

Македонија | пред 1 година

VG-ANA-SLOBODEN-PECHAT

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година

„Инфлациските очекувања се поволни, a притисоците од глобалните цени на храната и енергентите се намалија, со што за наредната година Народната банка очекува натамошно забавување на просечната инфлација, сведувајќи се на 2,5%, а на среден рок на историските просеци од 2 отсто“. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на ТВ „Слободен печат“.„Нашата последна оцена за инфлацијата за следната година е околу 2,5 проценти и таа се заснова врз претпоставки за умерен пад на цените на нафтата следната година, умерен раст на цените на храната на светско ниво, по нивниот пад изминатата година, како и некои домашни фактори коишто ги земаме предвид“, вели Митреска.Добар сигнал е и тоа што инфлациските очекувања се поволни, односно потрошувачите веќе подолг период очекуваат намалување на цените. За сето ова значајна улога имаа и мерките што ги спроведе Народната банка. Сепак вицегувернерката Митреска нагласи дека ризиците коишто произлегуваат од глобалните случувања, растот на платите, како и растот на цените на услугите сѐ уште постојат.„Во изминатиот период на неколку последователни кризи, она што го гледаме и низ Европа и кај нас е задржување на позитивните и релативно солидни профитни маржи, со умерен раст по одредени години и ова веројатно е една од причините поради кои некои ценовни категории сѐ уште не се приспособуваат надолу, па дури и кај дел од цените на храната“, посочи вицегувернерката Митреска и напомена дека позитивниот профит покрај тоа што може да делува врз нивото на цените, може и да го ублажи досегашниот раст на платите, но и евентуалните шокови со коишто може да се соочиме во следниот период.Вицегувернерката Митреска напомена дека Народната банка и натаму претпазливо ќе ја води монетарната политика со примена на макропрудентни мерки, коишто дополнително ќе ја зајакнат финансиската стабилност.„Во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата. Главниот параметар преку кој се утврдува стабилноста на системот секако е неговата капитализираност, којашто во моментов изнесува околу 19% и е повисока во однос на нивото пред пандемијата, но и стабилната и солидна ликвидност и добриот квалитет на кредитното портфолио“, истакна вицегувернерката Митреска.

Македонија | пред 1 година

Depoziti-okt

Во октомври: Годишен раст од 11,0% на вкупните депозити и од 9,2% на вкупната кредитна поддршка

Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост

Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите - Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средба со висок претставник на Трезорот на САД: Народната банка има клучна улога во одржувањето на финансиската стабилност

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Лујен Д. Тран, заменик-помошник секретар во Канцеларијата за техничка помош во Трезорот на САД, на која се зборуваше за зајакнувањето на финансиската стабилност и унапредувањето на билатералната соработка. Преку оваа средба беше нагласена поддршката од САД за економскиот развој и зајакнувањето на отпорноста и финансискиот интегритет на земјава.На почетокот на средбата беше нагласена клучната улога на Народната банка во зачувувањето на финансиската стабилност во сложеното глобално окружување, полно со неизвесности. Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка преку преземените мерки му овозможи на финансискиот систем да се справи со економските предизвици. Беше истакнато и дека Народната банка дејствува како столб на севкупната макроекономска стабилност.Гувернерката Ангеловска-Бежоска и високиот претставник на администрацијата на САД, Тран, ги разгледаа можностите за техничка помош и соработка за унапредување на регулативните рамки и финансиската стабилност. Преку користење на експертизата од оваа важна финансиска институција на САД, Народната банка може уште повеќе да ги зајакне своите капацитети за управување со ризиците, за супервизија и дигитализација на финансиите, коишто се исклучително важни за јакнењето на отпорноста. Преку соработката на двете институции ќе се добие увид и во новите алатки и практики за справување со предизвиците од неизвесното окружување, како и за можностите за пренесување на знаењето и поврзување со светскиот финансиски пејзаж.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Рокас: Независноста на Народната банка е значајна за кредибилитетот на политиките коишто ги води

Независноста на Народната банка е клучна за задржувањето на високиот кредибилитет којшто го ужива во јавноста, како и за спроведувањето на политиките за одржување на ценовната и финансиската стабилност. Народната банка постојано се стреми кон сè повисоко ниво на транспарентност во сите сегменти од своето работење, со цел да ја задржи високата доверба. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Михалис Рокас, амбасадорот на Европската Унија во земјава, при што беше нагласено дека монетарната политика е високо усогласена со европската регулатива, што е наведено и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка и натаму води претпазлива монетарна политика со цел да се осигури ценовната стабилност. Народната банка дополнително ќе ја зајакнува и отпорноста на банкарскиот систем преку мерки и регулаторни барања и ќе ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.Амбасадорот искажа поддршка за напорите на Народната банка за поднесувањето барање за членство на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА.Гувернерката Ангеловска-Бежоска и евроамбасадорот Рокас разговараа и за повеќе актуелни прашања коишто се дел од дијалогот на ЕУ со земјите од Западен Балкан, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2024 ‒ 2026 година од страна на земјите кандидатки.

Македонија | пред 1 година

bezoska

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет

Зајакнување на комуникацијата и соработката од областа на макроекономските движења и макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали коишто се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани. Ова се придобивките коишто се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, којшто го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев. На потпишувањето, присуствуваа и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и членовите на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети и проф.д-р Марина Трпеска.Координацијата помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е од суштинско значење за постигнување долгорочна макроекономска стабилност. Фискалниот совет го следи спроведувањето на фискалните политики и фискалната одржливост, додека централната банка е засегната од влијанието на фискалните политики врз ценовната и финансиската стабилност. На средбата беше нагласена улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на институциите како важни фактори коишто придонесуваат за успешно остварување на целите.„Независноста на Народната банка е исклучително важна за одржување на ценовната и финансиската стабилност во земјава. Според индексот на независноста на централните банки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа. Независноста на Народната банка, придружена од транспарентноста и отчетноста, ѝ овозможува на централната банка високо ниво на доверба од страна на јавноста. Поголемата независност на централните банки во периодот на неколку последователни кризи се поврзува и со преземените мерки за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека целта на двете институции е преку независни стручни мислења да придонесат кон обезбедување макроекономска стабилност.На средбата беше истакнато дека споделувањето информации и анализи помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е предност при донесувањето одлуки засновани на податоци и факти коишто придонесуваат за подобро согледување на целокупниот економски амбиент во земјава заради остварување повисок економски раст.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Ангеловска-Бежоска на Конференција во Тирана: Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција

Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија, а на којашто присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами. Панел-дискусијата на која учествуваа и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора, ја водеше Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.Доходовната конвергенција во регионот, од 2019 година па досега, забрза просечно за околу 2,6 п.п., што е значително побавно во споредба со периодот пред глобалната финансиска криза. Сегашното нивото на доходот во регионот и натаму е ниско и изнесува околу 42% од доходот во ЕУ. Причините за бавната конвергенција се главно структурни и можат да се поврзат со трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. Оттаму, забрзувањето на конвергенцијата наметнува потреба од забрзување на структурните реформи, процес којшто е скап и за кој се потребни соодветни извори на финансирање.Во овој контекст, од голема важност е што банкарскиот систем добро се справи со претходните шокови и успеа да го зајакне својот капацитет за обезбедување соодветна финансиска поддршка за раст на економијата. Кај нас адекватноста на капиталот оствари највисок раст во регионот и е највисока во последните две декади, ликвидноста традиционално е на високо ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е значително подобар во однос на претпандемичниот период. Сепак, се очекува натамошно зголемување на степенот на финансиско посредување, но и негово унапредување преку поголема дигитализација. Значаен исчекор кон оваа цел може да биде и членството во Единствената област за плаќање во евра СЕПА, со што нашиот систем ќе биде поинтегриран во европскиот платежен систем, обезбедувајќи бројни придобивки за граѓаните и компаниите.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Народната банка ‒ домаќин на работилница за зајакнување на капацитетите на ЕСГ, основа на одржливото работење и општествената одговорност

Народната банка презема одлучни чекори кон градењето поодржлив систем и оттука, централната банка беше домаќин на работилница за унапредување на капацитетите поврзани со еколошките, социјалните и управувачките остварувања (ЕСГ). Настанот којшто беше организиран под покровителство на „Инвестицискиот фонд за зелен раст“, во соработка со експерти од „Ернст и Јанг“, имаше за цел да ги зајакне капацитетите на централната банка со знаење и алатки за одржливи практики, во согласност со меѓународните стандарди и регулативи.На работилницата беа разработени теми поврзани со Политиките за одржливост на централните банки, како и одредени оперативни аспекти поврзани со управувањето со емисиите на стакленички гасови. Во рамките на овие теми беше разгледана Предлог-политиката за одржливост на Народната банка, вклучувајќи ги и активностите за оперативна ефикасност, клучните показатели за успешноста (КПИ), како и целите за одржливост со акцент на транспарентноста. Исто така, беа обработени и стандардите и методологиите за пресметка на емисиите на стакленичките гасови, стратегиите за декарбонизација и техниките за поставување цели.Преку оваа работилница, Народната банка цели кон зајакнување на принципите на одржливост, коишто ги опфаќаат еколошкиот интегритет, социјалната еднаквост и економскиот напредок, осигурувајќи се дека одржливите практики се спроведуваат и стратегиски, и оперативно. Со носењето на Среднорочниот план на активностите на Народната банка во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 – 2025 година се дефинираа активностите на Народната банка за активно управување со ризиците од климатските промени и институционално профилирање како одржлива и општествено одговорна институција, додека една од активностите предвидени за спроведување на Среднорочниот план е изработката на Политиката за одржливост на Народната банка заради преземање активности за одржливо работење и градење на капацитетите на вработените во Народната банка во однос на овие прашања.„Инвестицискиот фонд за зелен раст“ е влијателен инвестициски фонд којшто ги ублажува климатските промени и промовира одржлив економски раст, пред сè преку инвестирање во мерки со коишто се намалуваат потрошувачката на енергија, употребата на ресурси и емисиите на CO2. Фондот го насочува ова наменето финансирање кон деловните претпријатија и домаќинствата преку локални финансиски институции и преку директни инвестиции кон подобни проекти и компании. Наменскиот фонд за техничка помош обезбедува знаења и техничка експертиза за да се осигура дека овие инвестиции се успешно спроведени и со високи меѓународни стандарди. Фондот работи на 19 пазари низ Југоисточна Европа, вклучувајќи ги и Турција, Европскиот источен соседски регион и Блискиот Исток и Северна Африка.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Народна банка до младите истражувачи: Крајниот рок за пријавување трудови за Годишната награда на Народната банка е 1 февруари

Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека е распишан Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Крајниот рок за доставување на трудовите за Конкурсот за Годишната награда за 2025 година е 1 февруари 2025 година. Сите заинтересирани млади истражувачи можат да поднесат свој труд, во согласност со условите и критериумите на јавниот повик.Право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата: [email protected] .Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 130.000,00 денари. Но, доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 65.000,00 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.Низ годините, Народната банка постојано ја поттикнува научноистражувачката мисла во областа на макроекономијата и банкарството. Покрај Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови, Годишната награда за млади истражувачи е дополнителна алатка на централната банка за мотивирање на младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Народната банка ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации

Просечната инфлацијата годинава значително ќе забави и од 9,4% минатата година ќе се сведе на 3,5%, а трендот на намалување ќе биде карактеристичен и за следните години, додека економскиот раст постепено ќе забрзува, при претежно стабилна платнобилансна позиција, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2024 ‒ 2027 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Казахстан, Кина, САД, Словачка, Словенија, Турција, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шведска.Во презентацијата беше наведено дека благодарение на надолното приспособување на инфлацијата и поволниот девизен пазар, Народната банка почна претпазливо да ја нормализира поставеноста на монетарната политика. Се очекува дека инфлацијата и натаму ќе се стабилизира и во просек ќе изнесува 3,5% и 2,5% во 2024 година и 2025 година, соодветно. На среден рок се оценува дека таа ќе се врати на историскиот просек од 2%. И покрај значителното забавување на инфлацијата, и понатаму постојат неизвесности, главно поврзани со цените на примарните производи на светските пазари, но и со домашните политики коишто влијаат на агрегатната побарувачка. Оттаму, потребна е внимателност во овој домен и во иднина. Во рамките на есенскиот циклус проекции се предвидува умерено забрзување на растот на економијата, односно закрепнување на економската активност од 2,3% и 3,3% во 2024 година и 2025 година, соодветно, но побавно во споредба со априлските проекции. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7%, поддржан од натамошното проширување на депозитната база и стабилниот банкарски систем.Очекувањата за надворешната позиција на економијата, како клучен сегмент во услови на стратегија на стабилен девизен курс, упатуваат на поволна и претежно стабилна позиција на тековната сметка на платниот биланс на среден рок. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега и ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Усвоен најновиот Квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.Макроекономската слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со априлските проекции.Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. Сепак, најновите проекции упатуваат на малку послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со априлските согледувања, а на среден рок оцените за растот се непроменети. Така, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3%, а за наредната на 3,3%. На среден рок, во периодот 2026 ‒ 2027 година, се очекува натамошно забрзување на растот, во согласност со очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.Во периодот на проекциите се очекува натамошно забавување на инфлацијата. Најновите оцени го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5% во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања пред сѐ како резултат на споредбената основа. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5%, што е мала нагорна ревизија во однос на април, при оцени за поголема инерција кај дел од ценовните категории. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2%, при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4%), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1% од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2% за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9%, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7%, во просек.Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка започна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средби на Ангеловска-Бежоска со Бериган и Андреоли: Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување кон СЕПА

Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). За таа цел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска одржа средби во Брисел со генералниот директор на Директорaтот за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазарите на капитал при Европската комисија, Џон Бериган, како и со Џорџо Андреоли, генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, институцијата којашто ја носи конечната одлука за членството на земјите во СЕПА.На средбите се зборуваше за барањето на земјава за членство во СЕПА, коешто беше официјално поднесено во јули оваа година, по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка. Официјалното барање, на почетокот на октомври, беше дополнето и со најновите измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со што се оценува дека се направени сите неопходни измени на законската и подзконската правна рамка. Во моментов се оценува нашето барање. Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА. По добивањето позитивна оцена, деловните банки ќе треба оперативно да се приклучат кон европскиот платежен систем, за што е потребна претходна подготовка.Членството во СЕПА е една од приоритетните активности поддржани со Планот за раст на Европската комисија од 2023 година, чијашто цел е забрзана економска интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ. СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА. Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста. Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средба Ангеловска-Бежоска – Петрова: Преку соработка на институциите до зголемена заштита на граѓаните

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка остварија средба со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова и нејзиниот тим. На средбата беше дискутирано за новиот Единствен регистар на сметки кој се очекува да биде воспоставен согласно одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи. Овој регистар ќе содржи податоци и информации за платежни сметки, депозити и сефови, до кои достапност ќе имаат релевантните државни институции во земјата, вклучувајќи ги Народната банка и Управата за јавни приходи.Достапноста до овие важни податоци и информации во регистарот ќе ја зголеми ефикасноста во извршувањето на задачите од страна на двете институции. Овој регистар се очекува особено да ја зголеми ефикасноста на процесите за присилната наплата преку обезбедување релевантни информации за платежните сметки за потребите на новиот електронски систем за присилна наплата, којшто исто така е предвидено да се воспостави согласно Законот за плетжни услуги и платни системи. Воспоставувањето на електронскиот систем за присилна наплата ќе го дигитализира и олесни процесот на комуникација помеѓу органите на присилна наплата и давателите на платежни услуги, обезбедувајќи поцелосни и понавремени информации за расположливоста на паричните средства за присилна наплата со што ќе придонесе за намалување на бројот на блокади и поголема заштита на граѓаните.Исто така, на средбата беше истакната важноста на соработката помеѓу институциите во финансискиот систем, којашто е од суштинско значење за зачувување на макрoекономската стабилност, како и дека преку координација и споделување на финансиски податоци, засилено управување со ризикот и проактивен став против финансиските неправилности, ќе се делува кон натамошно јакнење на економската отпорност.На состанокот во Народната банка беа разгледани иницијативи за унапредување на протоколите за размена на податоци, за полесно следење на монетарните и фискалните трендови, што ќе придонесе и кон добрата координација помеѓу фискалната и монетарната политика, но и кон борбата против неформалната економија. Беше истакнато дека двете институции се залагаат за финансиски екосистем кој поддржува отчетност, транспарентност и доверба, како основа за градење на поотпорна економија и одржлив економски раст.Ангеловска-Бежоска и Петрова, изразија подготвеност за продлабочување на натамошната соработка помеѓу двете институции во рамките на своите надлежности за обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните и компаниите од нашата земја.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања