САД дадоа зелено светло: Paramount без ограничувања го презема Warner Bros Discovery
Американската влада го одобри преземањето на медиумската компанија Warner Bros. Discovery од страна на Paramount Global, без да постави дополнителни услови за реализација на зделката вредна околу 111 милијарди долари.Министерството за правда на САД соопшти дека по извршената анализа заклучило дека спојувањето нема да ѝ наштети на конкуренцијата, ниту на американските потрошувачи, ниту во телевизискиот и стриминг-секторот, ниту во филмската индустрија.И покрај одобрението од федералните власти, проверките на конкуренцијата сè уште се во тек во неколку американски сојузни држави, како и надвор од САД, вклучително и во Европа.Првично, минатата година Netflix постигна договор за преземање на стриминг и студиските бизниси на Warner Bros. Discovery, но тој договор пропадна откако Paramount достави повисока понуда за целата компанија, вклучувајќи ги и телевизиските канали како CNN.Зделката предизвика загриженост кај дел од критичарите во САД, кои стравуваат дека CNN би можел да ја загуби својата уредувачка независност под новото раководство. Paramount е под контрола на филмскиот продуцент Дејвид Елисон, син на милијардерот Лери Елисон, кој важи за поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп.Трамп во неколку наврати јавно посочи дека му е важно CNN, кој често известува критички за него, да добие нов сопственик во рамките на оваа трансакција.Во меѓувреме, редакцијата на CBS, која е во сопственост на Paramount, се најде во фокусот на вниманието поради наводи за поповолно известување за администрацијата на Трамп. Неколку новинари од познатата емисија „60 Minutes“ останаа без работа, а дел од нив тврдеа дека биле изложени на политички притисоци.Warner Bros. Discovery стои зад некои од најпознатите светски франшизи, меѓу кои се суперхероите од DC, како Супермен и Бетмен, серијалот „Хари Потер“, како и стриминг-платформата базирана на премиум телевизискиот канал HBO.
Свет | пред 4 часа