Северна Кореја лансираше десет балистички ракети кон Јапонското Море
Северна Кореја лансираше околу десет балистички ракети кон Источното, односно Јапонското Море, во демонстрација на сила во време кога САД и Јужна Кореја ги одржуваат годишните пролетни воени вежби „Штит на слободата“.Според јужнокорејската војска, ракетите биле лансирани од област во близина на главниот град Пјонгјанг. Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека проектилите паднале надвор од јапонската ексклузивна економска зона, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.Здружениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека вооружените сили ја зголемиле подготвеноста и внимателно ја следат ситуацијата поради можноста за нови лансирања, во координација со САД и Јапонија.Лансирањата следуваат по предупредувањето на сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, која ги критикуваше заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја и предупреди на „страшни последици“ за безбедноста на Северна Кореја.Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги осуди американските и израелските напади врз Иран и изрази поддршка за врховниот лидер на Иран, Мојтаба Хамнеи.Воената вежба „Штит на слободата“ ќе трае до 19 март и има цел да ги тестира оперативните способности на сојузниците преку симулации и безбедносни сценарија. Северна Кореја и понатаму ги одбива повиците за дијалог за нејзината нуклеарна програма, додека паралелно ги зајакнува врските со Русија и учествува во воени активности поврзани со војната во Украина.
Свет | пред 4 часа