(Фото) Вака изгледа небото над Иран додека Техеран најавува жестока одмазда по американско-израелските напади
Соединетите Американски Држави и Израел извршија напади врз Иран, отворајќи ново поглавје на судири на Блискиот Исток. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека целта на нападот е елиминирање на безбедносната закана за САД и отворање можност Иранците сами да ја сменат својата власт. Пентагон соопшти дека американската операција го носи името „Епски гнев“, додека израелската страна ја нарекува „Лавја рика“.Иран возврати со лансирање ракети кон Израел, соопшти израелската армија, а иранските сили, според извештаи, погодиле и повеќе американски воени локации во регионот. По нападите, и Техеран и Тел Авив го затворија својот воздушен простор за цивилен сообраќај.Американски воени извори наведуваат дека обемот на воздушните и поморските операции сè уште не е целосно познат, но дека кампањата се очекува да трае повеќе денови. Ирански претставник изјави за Ројтерс дека Техеран подготвува жестока одмазда.Во видео-порака, Трамп потсети на деценискиот спор меѓу Вашингтон и Техеран, вклучително и заложничката криза од 1979 година, кога американската амбасада во Техеран беше заземена, а 52 Американци беа држени како заложници 444 дена. Тој ги повика Иранците да останат во засолништа бидејќи „бомби ќе паѓаат насекаде“, додавајќи дека по завршувањето на операцијата народот ќе може да ја „преземе својата влада“.Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека заедничката акција ќе создаде услови „храбриот ирански народ да ја земе својата судбина во свои раце“. Според извор за Ројтерс, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, не се наоѓа во Техеран и е префрлен на безбедна локација.Овој напад следува по 12-дневниот воздушен судир меѓу Израел и Иран во јуни, како и по повторените американско-израелски предупредувања дека ќе следуваат нови удари доколку Иран продолжи со нуклеарната и балистичката програма. Израел инсистира секој евентуален договор да подразбира демонтажа на иранската нуклеарна инфраструктура, додека Техеран изјавува дека е подготвен да разговара за ограничувања во замена за укинување на санкциите, но без поврзување со ракетната програма.Ескалацијата, која се случува во периодот на Рамазан и непосредно пред еврејскиот празник Пурим, дополнително ги намалува изгледите за дипломатско решение на долгогодишниот нуклеарен спор и носи ризик од поширока регионална дестабилизација.
Свет | пред 3 часа