Хашим Тачи ги кажа последните зборови пред судот во Хаг
Со завршните зборови на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи пред Специјализираните совети во Хаг заврши оваа фаза од судскиот процес против поранешните лидери на ОВК, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во 1998 и 1999 година во Косово и северна Албанија.Тачи во своето обраќање истакна дека е „целосно невин“ и побара ослободителна пресуда по сите точки од обвинението. Тој нагласи дека обвиненијата не стојат и дека единствениот противник во тоа време бил режимот на Слободан Милошевиќ, кого го обвини за започнување на војната и за план за истребување на Албанците во Косово.Според обвинението, четворицата се товарат дека имале клучна улога во заеднички злосторнички потфат и ефективна контрола врз единиците на теренот, при што во повеќе од 40 притворни центри биле извршени злосторства врз Срби, Роми и Албанци означени како „соработници“. Обвинителството побара секој од обвинетите да биде осуден на по 45 години затвор.Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека вината не е докажана. Весељи изјави дека неговите постапки биле хумани и законити, додека Селими и Красниќи негираа командна одговорност за делата наведени во обвинението.Тачи во својот говор посочи дека во пролетта 1998 година се вратил од Швајцарија во Косово затоа што, како што рече, не можел да остане настрана додека неговото семејство и народ се соочувале со насилство. Тој подвлече дека ОВК не била држава, туку организација која се бранела од агресија, додавајќи дека соработката со НАТО и САД била клучна за исходот на војната и за независноста на Косово.По завршувањето на оваа фаза, предметот е испратен до судискиот совет. Според процедурите, судот има рок од 90 дена да ја донесе пресудата, со можност за продолжување од дополнителни 60 дена, што значи дека конечната одлука се очекува најдоцна до летото 2026 година.
Свет | пред 5 часа