Зајкова на Св. Трифун: Ад-хок мерки и намалени субвенции наместо стабилна политика за лозарите
На денот кога лозарите го одбележуваат Св. Трифун – симболот на македонското лозарство и винарство – пратеничката Моника Зајкова оцени дека наместо јасна стратегија, секторот се соочува со задоцнети и нетранспарентни мерки.Таа го повика министерот за земјоделство да одговори дали станува збор за рекордна цена за грозјето или, како што рече, за задоцнета реакција на проблем кој постои веќе втора година.„Винскиот сектор носи околу 20 проценти од бруто земјоделското производство и претставува еден од клучните извозни адути на државата. Одлуката за финансиска поддршка од 10 денари по килограм за веќе откупено винско грозје од сортите Вранец и Кратошија од реколта 2025 отвора сериозни дилеми“, изјави Зајкова.Според неа, мерката е донесена без објавена економска анализа, без проценка на пазарните ефекти и без јасни критериуми кои субјекти ќе ја користат поддршката и во колкав износ, согласно официјалните податоци со кои располага Државниот инспекторат за земјоделство.Таа укажа и на, како што наведе, намалена поддршка по хектар, истакнувајќи дека лозари кои претходно добивале по 52.000 денари по хектар, сега добиваат 42.000 денари. Во исто време, винариите се соочуваат со вишок на грозје од црните сорти, додека Министерството, според Зајкова, најпрво соопштува за рекордна цена, а потоа носи мерка за субвенционирање на откупот од речиси 50 проценти.„Како пратеничка доставив писмено пратеничко прашање до министерот за земјоделство со кое барам прецизни одговори: врз основа на каква економска, производствена и пазарна анализа е донесена подмерката за финансиска поддршка од 10 денари по килограм и кои се очекуваните краткорочни и долгорочни ефекти од нејзината примена врз лозарите, винариите и пазарот на вино?“, изјави Зајкова од Демир Капија, по повод закројувањето на лозје за Св. Трифун.Таа праша и како е утврдена висината на поддршката од 10 денари по килограм, имајќи ги предвид загарантираните откупни цени за реколта 2025, како и дали е направена проценка за можни пазарни нарушувања или поттикнување дисбаланс во производството на одредени сорти грозје.„Мора да постојат фер правила и предвидлива политика. Државата не смее да интервенира по завршена берба без јасни бројки и без транспарентност. Ако оваа мерка е оправдана – да ги видиме анализите. Св. Трифун е ден кога му оддаваме почит на трудот. Време е Владата да покаже почит со дела, а не со ад-хок одлуки“, додаде Зајкова.Таа порача дека лозарите заслужуваат стабилен пазар, винариите јасна стратегија и предвидливост, а јавноста целосна транспарентност за користењето на јавните средства.
Македонија | пред 4 часа