Индустриските производствени цени во еврозоната во февруари бележат пад од 0,7 отсто на месечно ниво, додека во Европската Унија намалувањето изнесува 0,5 отсто, покажуваат најновите податоци на Евростат. Сепак, актуелните геополитички случувања, особено конфликтот со Иран, може да доведат до пресврт на трендот веќе во мартовската статистика.
На годишно ниво, производствените цени се намалени за три отсто во еврозоната и за 2,7 отсто во Европската Унија.
Главен двигател на февруарскиот пад е енергетскиот сектор, каде цените во еврозоната се пониски за 2,4 отсто во споредба со јануари. Без енергијата, производствените цени бележат благ раст од 0,1 отсто. Зголемување е регистрирано кај интермедијарните добра и капиталните добра од по 0,3 отсто, како и кај трајните потрошувачки добра од 0,2 отсто.
Поединечно по држави, најголем месечен пад е забележан во Шпанија со 3,1 отсто, Ирска со 2,6 отсто и Португалија со 1,8 отсто. Од друга страна, највисок раст има во Хрватска со 3,8 отсто, Финска со 2,7 отсто и Литванија со 1,8 отсто.
На годишна основа, енергијата повторно има клучна улога со пад од 11,7 отсто во еврозоната, додека останатите категории бележат умерен раст, меѓу кои трајните потрошувачки добра со 2,5 отсто и капиталните добра со 1,6 отсто.
Податоците укажуваат дека притисоците врз производствените цени на почетокот на годината биле релативно слаби, но најновите геополитички случувања би можеле значително да го променат тој тренд во наредниот период.