Сузана Павловска, претседателка на Советот на Општина Аеродром, денеска на прес-конференција упати критики кон Социјалдемократски сојуз на Македонија, обвинувајќи ја партијата за „празни, неосновани и политички мотивирани обвинувања“ во врска со реконструкцијата на плочниците во општината.
„СДС уште еднаш покажа дека нема ниту идеи, ниту визија, ниту доблест да признае дека во Општина Аеродром се работи како никогаш досега – домаќински, одговорно и во интерес на граѓаните“, рече Павловска.
Таа посочи дека реконструкциите на пешачките површини во населбите Три Бисери, Ново Лисиче и Лисиче се спроведуваат врз основа на увид на терен, стручни проценки и реални потреби за поголема безбедност и функционалност.
Според Павловска, СДС манипулира со тврдењата дека се заменуваат „здрави плочки“, иако дел од објектите сè уште се во фаза на изведба.
„Изведувачот е должен по завршувањето на работите, објектите да ги предаде на Општина Аеродром во целосно функционална, безбедна и уредна состојба, согласно сите стандарди и прописи“, истакна таа.
Павловска оцени дека за време на владеењето на СДС јавните површини биле запоставени, а денес, како што рече, низ општината се реализираат капитални проекти.
„Додека тие со години само ветуваа, а ништо не реализираа, денес во Аеродром се работи со полна пареа. Се градат и доградуваат училишта, детски градинки и спортски сали, се реконструираат улици, тротоари и јавни површини“, рече Павловска.
Од Општина Аеродром порачаа дека ќе продолжат „силно, одговорно и посветено“ да работат на проекти за граѓаните и ги повикаа опозициските партии да бидат „конструктивна опозиција“.