И ако се одложат изборите за месец или два тоа нема да биде пропаст на светот, рече на денешната прес-конференција претседателот Стево Пендаровски, додавајќи дека евентуалната одлука за одложување на изборите треба да се донесе со консензус на сите политички страни.
Според него, може да се спроведе кампања на социјалните мрежи, но, како што рече, постојат категории на граѓани кои немаат пристап до социјалните мрежи.
-Според сите препораки од ОБСЕ и други организации, граѓаните мора да бидат добро, сеопфатно и целосно информирани за да донесат одлука на ден на избори. Јас имам резерва за денот на избори. На нашите парламентарни избори во просек гласаат милион луѓе на 3.000 гласачки места, со пет члена во одборите. Ден претходно се спроведува гигантска операција за пренос на материјалот и на крајот материјалот се предава на изборните комисии кога се калкулираат резултатите, рече Пендаровски.
Досега, како што додаде, во светот не се спроведени избори во ваков амбиент, освен во Израел, каде инфицираните гласаа на посебни гласачки места.
Претседателот додаде дека вчера бугарската Влада донесе одлука за прогласување вонредна состојба.
-Значи, ако некој мисли дека ако прогласиме вонредна состојба или кризна состојба на целата територија дека е тоа волшебно стапче со кое ќе се решат сите проблеми вклучително и овој со гласањето нема да се решат, рече Пендаровски.
фото: Архива