Ова е најсериозниот предизвик не само за нас, туку и за светот по Втората светска војна, затоа што пандемијата одамна излезе од здравствениот сектор и почна да ја притиска глобалната економија, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Фактор, додавајќи дека фразата „ние сме дел од светот“ овојпат е потполно точна и во географска и во суштинска смисла, а нашата единствена шанса да ја пребродиме кризата е само во сојуз со останатите, особено со земјите-членки на НАТО и на Европската Унија
Глобални зарази, вели тој, имало и порано, но тие никогаш не ги погодиле и најсиромашните и најбогатите земји во светот во исто време, така што, практично, „немате дел од планетата од каде што може да побарате помош“. Отежнителна околност, потенцира, е што нема лек за болеста, а дури и најоптимистичките сценарија за пронаоѓање и примена на вакцина шпекулираат со крајот на годината.
Претседателот Пендаровски истакнува дека евентуално воведување порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, како што вели, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија.
„Прогресијата во бројот на инфицирани и починати се случува практично секаде во светот, дури и во Вухан се зборува за втор бран. Но, споредбено со регионот и со европските земји, ние сме далеку од најзагрозената група на држави. Како што беше констатирано и на последниот Совет за безбедност, во однос на рестриктивните мерки ние бевме меѓу првите во Европа кои во тој дел реагираа на време и со воведување на вонредната состојба и со полицискиот час. Евентуалното воведување на порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија“, истакнува претседателот.
Во интервјуто претседателот зборува и за помошта од ЕУ и НАТО, како и за зачленувњето на нашата земја во НАТО Алијансата и почетокот на преговорите за членство во ЕУ.„Жал ми е што еден чин како што е зачленувањето во НАТО кое без дилеми е во ранг на референдумот за независност од 1991 година или зачленувањето во ООН во 1993 година, заради актуалната криза не можевме да го одбележиме како што доликува. Инаку, јас посебно емотивно го доживувам сето тоа, затоа што речиси 20 години работам на проблематика поврзана со нашите евро-атлантски интеграции, почнувајќи од советувањето на двајца македонски претседатели за прашања од надворешната политика и безбедноста, се до последната моја административна позиција – национален координатор за НАТО. Многу ми е жал што некои од луѓето со кои заедно работевме за истата кауза повеќе не се меѓу нас, како претседателот Борис Трајковски, кој навистина направи многу на тој план“, истакнува Пендаровски во интервјуто.фото: Архива