Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се обрати на отворањето на годинешниот самит „Македонија 2025“.

„Македонија 2025“ од самите свои почетоци пред повеќе од десет години работи на поврзување на бизнисите од земјава и странство, помага во развивање на лидерски вештини со цел да се придонесе за економскиот развој на земјата. Притоа никогаш не беа нудени инстант решенија и краткорочни мерки за успех, туку, фундирани стратегии и долгорочни програми, планови и активности за нивна целосна реализација. Затоа во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на членовите на „Македонија 2025“ за сиот ангажман, одвоено време и енергија од чии резултати несомнено имаат полза и ќе имаат полза - нашата економија и директно или индиректно, македонските граѓани. Се надевам, а познавајќи многумина од вас, убеден сум дека и во иднина ќе продолжите со истата посветеност и мотивираност во остварувањето на вашата и наша заедничка визија – просперитетна и богата држава, итакна претседателот и додаде:
Годинешниот самит има навистина богата програма со извонредни говорници, панел дискусии на актуелни теми, грижливо одбрани тематски сесии. Се радувам што во фокусот е и животната средина, односно загадувањето на воздухот со акцент на иновациите и нивното влијание врз подобрување на условите за живот. Пред неколку дена ја имав честа да ја отворам и 17. Еконова каде што се уверив во значењето и потребата од пронајдоци и изуми кои ќе помогнат во спречувањето и справувањето со загадувањето.
Дигитализацијата е уште една тема која е во фокусот на годинешниот Самит и би сакал навистина да ја поздравам и оваа иницијатива затоа што и самиот сметам дека со оглед на потенцијалот кој го имаме во ИТ секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мала возраст да кодираат, но и да го поддржиме ИТ секторот во целина, со цел, да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата. Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома, истакна меѓудругото претседателот Пендаровски.
фото: Кабинет на Претседател