На Владата ѝ претстои соочување со револтот на пензионерите. Новото решение за усогласување на пензиите е смислено за да ја намали дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и затоа нема да им испорача на пензионерите раст на пензиите на кој се надеваа. Здружението на пензионери се огласи со став дека, со новиот начин на пресметка, растот на пензиите нема ниту да се почувствува. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, бранејќи ја оваа точка од пензиската реформа, вели дека најважно е што пензиите се исплатуваат редовно и се стабилни. Но тоа не им влегува в уво на пензионерите, кои од претходно веруваат дека секогаш кога СДСМ доаѓа на власт им се кратат пензиите.
Македонија долги години има начин на усогласување на пензиите двапати годишно, според растот на платите и на трошоците на живот (инфлацијата). Со новото решение, пензиите ќе растат двапати годишно, но само според процентот на раст на инфлацијата.
Треба да ги погледнеме статистиките за раст на пензиите, рече министерката Царовска и објасни дека во 2016 година просечната пензија изнесувала 13.754 а во 2018 - 14.421 денар, што покажува дека пензиите растат.
„Оваа влада кажа дека двапати годишно ќе ги усогласува пензиите. Оние што денеска критикуваат дозволија да го забранат усогласувањето како што беше уредено со закон. Секоја година носеа закон според кој усогласување нема, туку има паушално зголемување еднаш годишно, или пред избори, кога им беше потребно. За да биде праведен пензискиот систем, зашто тој е солидарен, треба да се усогласува согласно законското решение“, изјави министерката додавајќи дека ако порано се усогласуваше со 50 проценти од трошоците за живот сега се усогласува два пати годишно со 100 проценти од трошоците за живот.
Министерката појасни и дека доколку економијата расте, и ако растот на БДП биде над 4 проценти, како што е очекувано, ќе има дополнително усогласување во април наредната година. Владата била принудена да направи пензиска реформа поради катастрофалната состојба во која го затекнала Фондот за пензиско осигурување.
Повеќе на Независен.мк