Познатиот македонски музичар Петар Георгиевски – Перо Камиказа се опоравува од повреди што ги здобил по незгода додека возел велосипед на Кејот на Вардар во Скопје. Тој се здобил со потрес на мозокот, повреда на главата и повеќе нагмеченици.
За случката информираше преку објава на Фејсбук, наведувајќи дека инцидентот се случил пред неколку дена, на околу стотина метри пред мостот „Аминта Трети“. Според неговото сведоштво, додека се движел по велосипедската патека, рекреативец кој доаѓал од спротивната насока ненадејно го сменил правецот на движење без да провери дали патеката е слободна.
„Летав салто, па спринтериците изгледа тогаш се откачиле. Потрес на мозок, четири конци на главата, неколку нагмеченици, искршени очила, но велосипедот, за чудо, остана читав“, напиша Георгиевски.
Тој раскажа дека човекот кој учествувал во незгодата веднаш признал дека згрешил, му се извинил и останал покрај него сè до пристигнувањето на Итната медицинска помош. Потоа го придружувал и во Ургентниот центар, каде што останал додека не пристигнала ќерката на музичарот.
Во Клиничкиот центар му биле извршени компјутерска томографија и дополнителни прегледи. Откако лекарите утврдиле дека нема внатрешно крварење, повредата на главата била санирана со четири конци.
Георгиевски јавно им се заблагодари на медицинските тимови за брзата реакција и професионалната грижа што ја добил.
Воедно, тој упати апел до сите што го користат Кејот на Вардар да бидат внимателни и да ги почитуваат правилата за движење на велосипедската патека за да се избегнат слични незгоди.
И покрај непријатното искуство, музичарот порача дека наскоро повторно ќе се врати на Кејот, а најави и дека ќе настапи на концертот закажан за 23 октомври во салата „Јане Сандански“.
„Сполај ти, Боже, што ми даваш шанса да продолжам. Се гледаме набрзо на Кеј“, напиша Перо Камиказа.