Безбедноста на пешаците во многу општини е доведена во прашање поради недоволното и нередовно обележување на пешачките премини, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации, кое ги анализирало општинските тендери за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година.
Според резултатите, повеќе од половина од општините во државата – вкупно 46 од 81 – немаат објавено ниту еден тендер за обележување пешачки премини во електронскиот систем за јавни набавки во изминатите три години.
Истражувањето покажува и значителни разлики во пристапот на локалните власти. Додека некои помали општини редовно спроведувале набавки секоја година, одредени поголеми општини со поголем број жители и поинтензивен сообраќај распишале само еден или два тендера во истиот период.
Дополнително, анализата укажува дека кај голем број општини недостигаат јасно дефинирани технички стандарди за материјалите што се користат. Наместо детални спецификации за квалитетот и трајноста, во документацијата често е наведено само „боја за патишта“, без мерливи критериуми врз основа на кои би се оценувал квалитетот на набавката.
Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека во вакви услови е тешко да се утврди колку долго ќе трае хоризонталната сигнализација, што остава простор јавните средства да не го дадат очекуваниот ефект.
Истражувањето открива и значителни разлики во цените. Така, килограм боја бил набавуван по цена од 132 до 296 денари, додека услугата за обележување со бела боја и стаклен перлит се движела од 281 до 802 денари за квадратен метар, што претставува разлика од речиси четири пати.