Петмина олигарси кои преку приватизацијата стекнале огромно богатство, креирале економско-политички центар против ДУИ. Оваа изјава на првиот вицепремиер Артан Груби за косовска телевизија е второ по ред скицирање на структура вклучена во наводното создавање хибриден центар, за кој во Мала Речица сметаат дека работи директно против ДУИ, aнализира „Дојче Веле“.
Првиот аларм за ова стигна преку партиско соопштение по седницата на Генералниот совет на ДУИ на 23-ти јули, во кое беше наведено дека претседателот на партијата Али Ахмети изразил загриженост од „создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“. Со оглед дека во соопштенито немаше никакви други детали околу причината за таа загриженост, за јавноста остана непознато за каков „центар“ станува збор.
Два дена подоцна, потпретседателот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју на ТВ21 даде малку повеќе детали околу профилот на протагонистите и местото на нивните средби.
„Пред неколку месеци, некаде на периферијата на Скопје, се одржа средба меѓу некои македонски олигарси и политички лидери, сегашни и поранешни политички лидери, со аларм или констатација дека Албанците добиваат повеќе отколку што заслужуваат или го уриваат политичко-економскиот монопол на македонската заедница и се согласија да создадат национален центар, за да се запре овој процес или, како што тие го нарекуваат, албанизација на државата и во нивната анализа - ова се кредибилни индикации - ДУИ го поврзуваат како парадигма или синоним на етничката еднаквост и позицијата на Албанците“, изјави Османи.
Тој рече дека тоа не е страв од албанизација, туку страв од еднаквост и губење на политичките и економските монополи.