Македонските политичари со фанфари се фалат кога ќе се донесе регулатива за заштита на одредени подрачја со особени природни вредности, но потоа никаде ги нема кога таа треба да се спроведе во практиката. Пример за тоа се Водно, Матка, Кале, Гази Баба и другите локалитети во околината на Скопје, коишто, иако имаат статус на заштитени подрачја, секојдневно се уништуваат. Главна причина за ваквата поразителна состојба е негрижата на Владата и другите надлежни институции, односно недостигот од капацитет да се воспостават законски пропишаните механизми за заштита, пишува Дома.
Васил Анастасовски, поранешен раководител на секторот за заштита на природата при МЖСПП објаснува дека во околината на Скопје се наоѓаат поголем број заштитени подрачја и сите имаат различни обележја на природни вредности.
„Катлановскиот предел е прогласен во 1991 заради заштита на кусата и мошне живописната клисура на реката Пчиња, а пред се заради специфичната појава на отворена пукнатина од неотектонско потекло (со должина од 350 метри и со широчина до 30 метри), низ која се дистрибуираат термоминерални води од кои се наталожени импресивни драперасти наслаги од бигор. Арборетумот кај Трубарево е прогласен во 1965 година како место каде што се застапени околу 600 видови дрвја и грмушки кои потекнуваат од сите континенти, пред се од Европа, Азија и Северна Америка, што е единствен во Македонија и локалитетот Острово (1976) на којшто се развива типична барска вегетација и дрвја кои се типични за поплавните шуми кои се реткост во Македонија“, вели Анастасовски.
Тој додава дека еден дел од Скопската тврдина Кале на површина од 0,67 хектари е прогласен за заштитен објект на природата во 1987 на иницијатива на Природонаучниот музеј на Македонија заради зачувување на плиоценските седименти во кои се наоѓаат бројни мошне добро зачувани остатоци од флора како и слатководна езерска фауна.
„Исто така и Катлановско Блато е прогласено за заштитено подрачје (1965) коешто претставува ихтиолошко-орнитолошки резерват со површина од 70 хектари како остаток од некогашното Скопско неогено езеро, кое до 1968 година претставуваше единствено природно мрестилиште на крапот и други слатководни видови риби од реката Вардар како и главно одморалиште на голем број птици од и кон Европа по Моравско-вардарскиот правец на миграција“, вели Анастасовски.
Целиот текст можете да го прочитате тука