Поранешниот претседател на Собранието на Македонија и претседател на политичката партија НСДП, одметник од СДСМ, Тито Петковски, повика веднаш да се реализира одлука за отповикување на претседателот Ѓорге Иванов.
Според Петковски сега има и реална шанса за тоа на СДСМ да им успее.
„Ние досега немавме шанса за спроведување импичмент затоа што во Собранието ги немавме потребните 80 пратеници. Но сега, кога веќе се создадоа услови за двотретинско мнозинство, работата е многу поедноставна отколку што беше“, посочува Петковски.
Поранешниот претседател на Собранието, Петковски, вели дека шефот на државата Ѓорге Иванов со своите постапки има извршено класична злоупотреба на функцијата претседател на државата, а како што порачува, токму сега е моментот за спроведување постапка за импичмент.
„Сметам дека сега е одличен момент да се спроведе постапката за импичмент, бидејќи Иванов уште многу одамна заслужи да сноси таква политичка одговорност. Паралелно со предистражната постапка што Јавното обвинителство ја покрена за претседателот, слободно може да се спроведе и постапка за импичмент“, вели Петковски.
Петковски го оцени Иванов како штетен.
„Конечно, името на Иванов ќе послужи за пример како не треба да се владее“, обвини Петковски.
Магазин.мк