Бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, оцени дека најавените блокади на бугарско-македонската граница се контрапродуктивни и можат да ѝ наштетат на позицијата на Бугарија во односите со Македонија.
„Во секој случај, ваквите акции ќе бидат контрапродуктивни“, изјави Петрова-Чамова за бугарските медиуми, коментирајќи ја најавата на фондацијата „Македонија“ за организирање протести и двочасовна блокада на сите гранични премини со Македонија.
Таа посочи дека ваквите иницијативи не се поврзани со бугарската влада и не придонесуваат за заштита на националните интереси.
„Разбирам дека постои можност невладини организации или други структури да организираат вакви настани, но од наша страна е важно да одржиме цврста позиција и јасно да ги браниме правата за кои се залагаме“, рече министерката.
Петрова-Чамова нагласи дека Бугарија нема интерес од дополнително заострување на односите со Македонија.
„Нема потреба да се влегува во каналот на ескалација и да се одговара на секоја провокација“, истакна таа.
Според неа, Софија располага со доволно дипломатски механизми преку кои ги застапува своите позиции и правата на Бугарите во Македонија пред европските институции.
Најавата за блокада на граничните премини доаѓа по инцидентот во Скопје, кога беа запалени две возила со дипломатски таблички на Бугарската амбасада. Осомничениот беше приведен, а случајот беше осуден и од македонските и од бугарските власти.