Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, истакна дека примената на вештачката интелигенција и аналитичките алатки во даночната администрација мора да биде проследена со јасни цели, квалитетни податоци и одговорност за донесените одлуки.
Петрова ова го посочи на седмата Германско-македонска конференција за контролинг, која денеска се одржа на Хајделберг факултетот во Скопје.
Таа оцени дека предизвикот не е само во воведувањето на аналитички алатки и вештачка интелигенција, туку и во создавањето систем кој ќе знае како да го користи знаењето добиено преку нив.
„Предизвикот не е само да воведеме аналитички алатки и вештачка интелигенција во контролингот, туку да создадеме систем што знае што да прави со знаењето што го добива од овие алатки“, рече Петрова.
Според неа, контролингот во УЈП опфаќа планирање, следење, известување, анализа и приспособување, при што неговата цел не е само да покаже што се случило, туку и да помогне во донесувањето одлуки.
Петрова нагласи дека успешноста не треба да се оценува само преку бројот на реализирани активности, туку и преку нивниот ефект врз однесувањето на даночните обврзници и даночната усогласеност.
На конференцијата таа говореше и за примената на аналитиката и вештачката интелигенција во управувањето со даночните ризици. Анализата на податоците, како што посочи, овозможува ресурсите да се насочат кон ризиците каде што можат да имаат најголем ефект.
Во тој контекст, ја нагласи потребата од квалитетни и интегрирани податоци, јасни индикатори и одлучување засновано на податоци, при што ја спомена и меѓународната рамка „TADAT“ за проценка на работењето на даночните администрации.
„Вештачката интелигенција може да предложи одлука, но не може да поставува приоритети, не може да создаде стратегија и не сноси одговорност. Институцијата, службите и раководството ги носат одлуките и имаат одговорност за нив“, посочи Петрова.
Во делот на дигиталната трансформација, директорката на УЈП ја посочи е-фактурата како можност за обезбедување структурирани податоци во реално време, како и активностите за воспоставување складишта на податоци и алатки за деловна интелигенција.
Таа оцени дека дигиталната трансформација бара и вложување во знаењето и вештините на вработените, како и промена на организациската култура.
На конференцијата „Тековни предизвици во контролингот – вештачка интелигенција, дигитализација и преквалификација“ се дискутираше за иднината на контролингот, дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и потребата од континуирано унапредување на човечките капацитети во јавниот и приватниот сектор.